Заминувањето на Пеп Гвардиола од функцијата тренер на Барселона не предизвика толкав шок колку што е изненадувањето за името на неговиот наследник.
Сите очекуваа дека тоа ќе биде тренерот на Атлетик Билбао, Марсело Биелса, а немаше да биде изненадување доколку за нов тренер беше назначен некој поранешен член на каталонскиот гигант на кого како и на Гвардиола, Барселона му е во срцето. Тоа можеа да бидат Луис Енрике или Франк де Бур, Еузебио, Ернесто Валверде, Лорен Блан... но Тито Виланова?
Кој е Тито Виланова?
Франсеск „Тито" Виланова е роден Каталонец кој во 1984-та година станува член на младинската академија на Барселона, познатата Ла Масиа каде ги учи вештините на фудбалот заедно со Пеп Гвардиола. Нивното пријателство продолжило и откако Виланова не успеава да се пробие во Барселона и се сели во Селта Виго.
По играњето за Бадахоз, Мајорка, Леида, Елче и Граменет, Тито Виланова ја завршува професионалната кариера како фудбалер и станува директор на третолигашот Тераса каде се задржал до 2007-та година.
Стариот пријател Гвардиола тогаш стана тренер на Б тимот на Барселона и го повикал Виланова да му се приклучи како негов помошник. Тандемот Гвардиола-Виланова експресно успева да го одведе резервниот тим на Барселона од четвртата во третата лига и по заминувањето на Франк Рајкард, по само една година тие добиваат прекоманда во првиот тим.
Виланова секогаш му бил десна рака на Гвардиола. Многумина веруваат дека тој всушност бил мозокот позади успехот на Барселона. Тој ја креирал тактиката и ги работел тренинзите, а Гвардиола бил „фаца" за во јавност и големо име за пред фудбалерите.
А тоа до некаде го потврди и самиот Гвардиола на денешната прес конференција.
„Јас бев само гласот за идеите кои Тито и јас ги креиравме заедно", изјави Пеп.
Постои сомнеж дека фудбалерите можеби се уште ќе го гледаат Виланова како „втор човек", но тој ја има поддршката од постарите фудбалери како Пујол, Чави, Валдес и Иниеста.
Ако успее да ги задржи на својата страна и да се справи со егото на суперѕвездите од својот тим, тогаш тој би можел да биде и поуспешен од Гвардиола.