Барса веќе стави една рака на шампионскиот пехар во Ла Лига кои навивачите веќе го слават на големо.
Во таква славеничка атмосфера синоќа Барселона го торпедираше Бетис со 4-0. При резултат 3-0 во 82-ра минута Чави, го повика од клупата 15-годишниот Ламин Јамал, главниот бисер од школата Ла Масија која одамна не изнедрила некој дијамант.
15-годишниот Јамал влезе во игра во 83-та минута кога го замени Гави, а цел „Камп Ноу“ со огромни овации го пречека најголемиот талент од својата школа Ла Масија.
Јамал Ламин на тој начин постави нов рекорд и стана најмлад фудбалер во историјата на Барселона на официјално ниво во XXI век: дебитираше со само 15 години и 290 дена што е права сензација. Стана и најмлад во историјата на шпанска Ла Лига каде се испиша нов рекорд.
Ламин Јамал за речиси цела една година го урна рекордот на уште еден бисер на Барселона, Ансу Фати кој беше претходен рекордер со 16 години и 298 дена.
До сега најмлад фудбалер во историјата кој заиграл со првиот тим, неофицијално се смета извесен Паулињо Алкантара кој дебитирал во 1991-ва година на возраст од 15 години и 40 дена, во тогашниот локален шампионат на Каталонија.
Јамал на терен не запиша само историска статистика, туку може да се пофали и со прекрасни додавања и еден пас кој многу лесно можеше да стане асистенција за гол ако Дембеле не шутираше во Руи Силва.
Малиот Ламин Јамал можеше и самиот да даде гол но голманот на Бетис Силва одново одбрани.
„Одигра многу добро. Му кажав да се потруди нешто да направи и направи. Замислете, на 15 години тој е веќе посебен играч, способен да даде гол, да асистира, самоуверен во себе. Кога го гледам на тренинзите, сфаќам дека он може да стане многу важен играч“, изјавил тренерот Чави после победата над Бетис.
ПРЕД ПРВ ПРОФИ ДОГОВОР?
Ламин на 5 години се приклучил во академијата на Барселона и регуларно и редовно проаѓал етапа по етапа при што фудбалски ги надминувал сите свои врсници.
Игра во средниот ред, офанзивно. Летово може да го потпише својот прв официјален професионален договор со клубот кога ќе наполни 16 и Каталонците веќе му дале понуда за 3-годишен договор иако постои неофицијални ставови дека родителите уште не биле сигурни дали да остане на „Камп Ноу“, но сето тоа е во доменот на шпекулации.
Јамал беше на клупата за резерви и за големото дерби со Атлетико Мадрид, а наскоро се очекува кога Барселона ќе ја потврди шампионската титула и теоретски, Јамал да добива повеќе шанса па зошто да не и во првите единаесет од почеток.