Тимскиот дух и другарството - најголема предност на Македонија У21

Познатите светски букмејкерски сајтови ја сметаат селекцијата на Македонија за тотален аутсајдер, но нашите бисери покажаа дека најдобро се снаоѓаат во таквата улога и може да бидат „нагазна мина“ за фаворитите.

По играчката кариера во Македонија Ѓорче Петров со која стана шампион во 2009-та и авантурите во Грција, Словенија, Турција и Израел, Благоја Милевски реши да тргне по тренерскиот пат. Седна на клупата на Вардар и докажа тактичка зрелост - во 2013-та стана шампион на Македонија и беше избран за „Тренер на годината“.

Во 2014-та Боби Милевски доби нов предизвик - да ја води младинската репрезентација.

По децениските неуспеси оваа категорија доби генерација која што оствари серија од 13 натпревари без пораз (само Португалците се пред нас на врвот со 19) и заслужено ја врати довербата на нацијата. Македонија во Полска стигна преку квалификациската Група 3 каде заврши пред Франција, Исланд, Украина, Шкотска и Северна Ирска.

Најбараните фудбалски ѕвезди во моментов во Европа: Корентин Толисо, Осман Дембеле, Муса Дембеле, Томас Лемар, Лапорт и Тјемуе Бакајоко на телевизија ќе го гледаат турнирот затоа што ниеднаш во двата меча не ја победија Македонија.

Нашата селекција е пред Шпанија, Португалија и Србија по бројот на фудбалери (9) кои веќе дебитираа за сениорите. Шпанија има седум, Португалија шест а Србите само тројца. За разлика од останатите селекции кои „го тумбаа“ составот, селекторот Милевски се одлучи да не експериментира и место на шампионатот да има за оние кои го изнесоа најголемиот товар во квалификациите.

Голот на нашата репрезентација на ЕП ќе го чува стандардниот голман на Вардар, Игор Алексовски кој бранеше на речиси сите дуели во квалификациите. Во одбраната селекторот Милевски реши да не експериментира и бедемот пред голот ќе го држат Дарко Велкоски (Вардар), Ѓоко Зајков (Шарлоа), Бесир Демири (Вардар), Алекса Амановиќ (Јавор), Егзон Бејтулаи (Шкендија), Јован Попзлатанов (Пелистер) и Висар Муслиу (Ренова).

Средниот ред, кој беше клучен во серијата од 13 меча без пораз е составен од Давид Бабунски (Јокохама), Енес Барди (Ујпешт), Бобан Николов (Вардар), Кире Маркоски (Работнички), Даниел Аврамовски (Олимпија Љубљана), Ељиф Елмас (Работнички), Никола Ѓорѓев (Грасхоперс), Давор Здравковски (Македонија ЃП) и Тихомир Костадинов (Злате Моравче).

Нападот ќе го предводи Марјан Радески (Шкендија), а таму се уште и Виктор Ангелов (Ујпешт), Филип Пивковски (Ландскрона) и Петар Петковски (Вардар).

Распоред:
17. јуни (сабота): Македонија - Шпанија 20:45
20. јуни (вторник): Србија - Македонија 18:00
23. јуни (петок): Македонија - Португалија 20:45