Сепак шпанската лига реши да ја исклучи Мурсија од Сегунда поради административни нерегуларности и Мирандес автоматски остана во втората лига. Пред стартот на 2014/15, Мирандес беше аутсајдер, но на крајот заврши на 8. место што беше историски успех за малиот клуб.
Полека стигнавме до тековната сезона, во која Мирандес има шанси да го оствари најголемиот успех во клупската сторија и да заврши на место кое води во плејоф борба за Примера. Од друга страна, момците на тренерот Карлос Терасас беа на прагот да го повторат успехот во Купот од пред четири години.
Иако во 2. коло загубија од Осасуна 1:2, кога тимот од Памплона го славеше пласманот понатаму, на Твитер се појави информација дека за нив играл суспендиран играч (Унаи Гарсија). Шпанската федерација го поништи резултатот и ја исфрли Осасуна од Купот, а Мирандес продолжи понатаму.
Враќањето на голема врата во Купот значеше и нов подвиг на Мирандес. Го скршија отпорот на Овиедо во продолжението, а тогаш покажаа и смисла за хумор. Во ноември кога на големо се зборуваше дека Роналдо ќе оди во ПСЖ, тие објавија на Твитер фотографија на која се гледа Меси во нивниот дрес и напишаа дека тој доаѓа кај нив.
Патот кон сензацијата Мирандес го продолжи со одличен фудбал. Како крушки пред нив паѓаа Малага, Расинг и Депортиво Ла Коруња. Особено последниве беа доследно понижени на Риазор со 0:3 кога целиот стадион му аплаудираше стоечки на тимот од провинција.
Сепак во четвртфиналето налетаа на Севиља која ги победи со вкупен резултат 0:5 и така го сруши сонот на малиот тим со големо срце. Меѓутоа овој неуспех не се смета како крај на приказната, туку само како крај на едно поглавје. Терасас и екипата имаат големи планови за во иднина, а ние немаме причина да не им веруваме. Hala Mirandes!