Теренот на Градски е нерамен и полн со дупки, Романците се жалат

И во ек на најубавите мигови кои ги живееме со македонската репрезентација, која не израдува со пласман на Европско, а сега игра за пласман на Светско, мора нешто да шкрипи во фудбалска Македонија. Тревата е за никаде и ќе стане ораница ако вака се однесуваме, а веќе и почнува да станува.

Нашиот најубав стадион на кој пред четири години ги пречекавме Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед е во лоша состојба и почнува да наликува адекватен за селски фудбал.

Тој што ја гледаше Македонија – Ерменија сигурно забележа еден куп дупки на теренот кој изгледа дека летово ретко кој се трудел да го одржува во форма.

Новинарска екипа на романскиот сајт „Газета Спорурлор“ направи прошетка низ нашата прекрасна арена, на која за жал се губи впечатокот за убавината кога ги гледате објавените фотографии.

Се бунат дека теренот е нерамен и полн со дупки и дека пред головите нема трева, туку само земја.

Во текстот цитираат човек кој им се пожалил дека тешко им оди со одржување, бидејќи се играле голем број на натпревари.

„Тука играат репрезентацијата, Вардар и Работнички. Се одиграа многу натпревари во прелиминарните, првенството и во европските купови. Под овие услови, колку и да се трудиме, невозможно е тревникот да биде совршен. Нема шанси“.

Според тоа што го изброивме, во последните два месеци на арената Тоше Проески се одиграле само седум фудбалски натпревари, а концерти не ни има.

Од нив три се првенствени на Работнички од кои последниот го одиграл на 22 август и по два одиграле Шкендија и Шкупи во еврокуповите и тоа во јули, што значи во месец август се само оние на скопскиот прволигаш. Струга и Силекс летово го рентаа теренот Петар Милошевски.

Ако седум натпревари се многу за два месеци, тогаш во каква состојба би бил нашиот најубав стадион ако се играат по три во темпо недела-среда-недела?

Како што е познато, со Градски стопанисува АД за стопанисување со станбен и деловен простор.

Од ФФМ се револтирани од начинот на кој го одржуваат и под притисок на УЕФА, изнајмуваат сервис за чистење на соблекувалните, трибините и останатите простории кои пред секој меч ги чешла Европската куќа на фудбалот.

Фотките на Романците и не ја доловуваат целосно лошата состојба од теренот на Градски кој ни бодеше очи од новинарската ложа за време на мечот против Ерменија.

Го видовте Камп Ноу во село Шетоње како изгледаше?