Пред реваншот со Парижаните, татко му на Пеп, Валенти Гвардиола бил вообичаено зборлест и активен со новинарите.
Во интервју за израелскиот тв канал Sports 5, Гвардиола-постариот рекол: „Победа над Реал Мадрид би била исполнување на сонот. Ако Манчестер Сити игра со Реал, се надевам дека ќе победат во финале“.
Како одговор на прашањето дали син му е најголемиот тренер во историјата на фудбалот, Валенти рекол:
„Видете, јас сум му татко и не би сакал да го фалам. Јохан Кројф исто беше многу добар стручњак, а општо, секој тренер има своја особеност. Знам само нешто, Пеп не спие пред натпреварите. Анализира се“.
Таткото на најдобриот тренер на денешницата, Валенти Гвардиола раскажал и за мајка му на Пеп која почина лани како последица од коронавирусот.
„Пеп ја носи во своето срце. Тоа е многу болно, особено боли што почина поради вирусот. Но ништо не може да се направи, животот оди понатаму“, рекол Валентин Гвардиола.
Самиот Јосеп никогаш не сака татко му да збори со новинарите и дури барал од него да не комуницира со новинарите, но Валенти никогаш не одбива барања за разговор со медиумите. Смета дека тоа им помага да заработат некоја пара.
„Син ми не сака кога зборувам со нив (со новинарите), но не можам да одбивам. Не би сакал многу да зборувам но не можам да кажам не. По секое интервју Пеп ме прекорува зошто не му се допаѓа тоа“, признава Валенти.
Пред натпреварите Гвардиола бил многу нервозен.
„Никогаш не планирам да одам порано на натпреварите на Пеп. Имам свое место на стадионот, но повеќе сакам да гледам од дома. Помирно ми е, седиш на кревет и можеш да пиеш чај од липа за да се смириш“, додава Валенти. Таткото на Пеп открил уште еден интересен детал. Дома Гвардиола никој не го викал Пеп, така барал самиот тој лично да не го викаат. Ѝ зборуваше на мајка му: „Сега дома јас сум Хосеп“.
Инаку Валенти Гвардиола е работник. Тој почнал уште на 14 години да работи како мајтор (работел по 14 часа). Станал и ѕидар а подоцна основал мало производство на поситни материјали за потребите на зградите кои сам ги градел.
Вели дека Пеп како мал бил непослушен. „Кога имаше пет години, цели ѕидови ги шкрташе со фломастери. Еднаш му дадов кофа и крпа да ги избрише“.
Татко му на тренерот на Сити кој се прослави во Барселона и Баерн Минхен вели дека Пеп од мал бил вљубен во фудбалот.
„Секое сабајле одеше на маалското игралиште и со часови шутираше топка. Секогаш знаев дека ако му подарам фудбалска топка за Божиќ, тој ќе биде неверојатно среќен. Каде и да одеше, секаде носеше топка со себе“.
Валенти открива и детали за себе:
„Морам да признаам дека англискиот фудбал не ми е по ќејф. Тамо има многу долги топки и трчање. Јас сакам фудбал кој го игра син ми, со многу додавања и влезови во освоениот простор“, додава татко му на Гвардиола.