При пристигнувањето на железничката станица во Лидс во 70-те години, патниците биле поздравени со пораката: Ветена земја – испорачана.
Ако Марсело Биелса продолжи по овој пат на Елaнд Роуд, може да има причина за враќање на слоганот.
По испаѓањето од Премиер лигата во 2004-та година, верните поддржувачки на Лидс се молеле по Месија за да се врати славата во клубот. По целиот хаос и сите проблеми со кои се соочувале, аргентинскиот стратег се појави како човек во кој во последно време се повеќе се верува дека ќе ги врати во елитниот фудбал.
Лидс е на врвот на табелата во Чемпионшип, со бод повеќе од Норич и шест од плејофот. Со лудиот пресврт синоќа против Астон Вила која ја добија на гости со гол во 95-та минута, клубот е за прв пат на челната позиција за Божиќ во последните 14 години.
Под водство на Биелса, најплатениот тренер во историјата на Лидс, верувањето во градот расте. Тој е еден од најпочитуваните тренери во светот и човек кој го откри Маурицио Покетино на 14 години во Аргентина.
Кога Пеп Гвардиола почна со тренирање во 2006-та, поминал 11 часа во школата на Биелса во Буенос Аирес. Неговите тренинг сесии ги проучуваше и Зидан, а Пеп изјави дека би сакал да игра во неговиот тим, бидејќи го смета за поразличен од сите други.
Секое утро, Биелса и неговите помошници одговараат на писмата кои ги добиваат од обожавателите. Кога еден еврејски навивач на Лидс му пишал за да го покани на традиционална петочна вечера во нивниот дом, Биелса му се јавил на телефон, учтиво го одбил, но поминал време разговарајќи со него за фудбал.
Тој има кревет и кујна на теренот каде тренира Лидс, а побарал места за спиење и за неговиот персонал. Тие работат заедно со часови, проучувајќи видеа од илјадници часови.
Играчите се сомневаат дека од време на време навистина спие во тренинг центарот за да го избегне утринскиот сообраќај. Како тренер на Атлетик Билбао кој го однесе до финале во Лига Европа и Копа дел Реј, станувал во 5 часот наутро и листал светски спортски магазини за да добие нови инспирации.
Неговите играчи во август месец немаат слободен ден. Тимот се мери секое утро со специјална машина која ги мери сите масти во телото, како чиста маса, масно ткиво и коскена маса. Оние кои смета дека не се во форма, нема да бидат дел од тимот се додека Биелса не каже кога ќе бидат погодни.
Фудбалерите на Лидс обично сакаат да навратат на некое пиво, како и на хамбургер, но кај него нема тоа повеќе. Тимот е речиси истиот кој лани заврши на 13-та позиција. Тој се собира заедно најмалку два пати во денот за јадење, а потоа имаат индивидуални режими за исхрана. Оброците се полни со тешки протеини, а на 24 часа пред секој меч се внесуваат јаглехидратите. Тој ги кажува и вежбите за фитнес, а на секој тренинг опседнат е и со должината на тревата.
Во Лидс има двојна тренинг програма, а еден тренинг трае два и пол часа. Интензивните спринтови овозможуваат висока пресинг игра, а исто така се дава акцент и на позиционирањето.
Обично тие не се позиционираат едни со други, туку тоа го прават со кукли, а Биелса преку преведувач им кажува каде точно треба да застанат.
„Тој е многу строг, исто е како да се биде во војска“, изјави фудбалерот од среден ред Матеуш Клих.
Во клубот постои почит и восхит, а играчите остануваат заедно ноќта пред секој натпревар. Биелса со своите помошници го повикуваат секој играч на 15 минутен индивидуален тренинг на кој им покажуваат клипови од претходни тренинзи (сите снимени) и натпревари за целосно да ја разберат улогата. Потоа тие учат од видеата и се фокусираат на нивниот директен противник.
Статистиката ја нагласува доминацијата. Лидс ја има најдобрата гол разлика во лига, има најмногу удари и само Мидлсброу има примено помалку голови од нив. Имаат и најдобар посед на топка од 63%.
Единствениот меч на кој немаа поголем посед од противникот е оној против Шефилд Јунајтед кој го добија со 1:0. Поседот на топка кај Биелса не е чисто поради статистика, туку тој инсистира неговите да создадат повеќе шанси од противникот.
Играчите се веќе навикнати на неговите чуда, особено откако им беше наредено да собираат отпадоци од терен за да им помогнат и да се поврзат со оние на кои им е работа тоа да го прават. А тој се разбира, за време на тренинзите седи секогаш на онаа славна сина кофа или што и да е.
Што ли друго да се издвои од оваа пицајзла од човек кој сè сака да му биде до перфекција? Знае и да им става цртки на копачките за да знаат играчите со кој дел од стопалото да шутираат. Во Атлетик Билбао посетил локален манастир каде се распрашувал за засолнетиот манастирски живот, не толку различен од монашкиот на неговите играчи, а потоа побарал од калуѓерките да се молат за неговиот тим.
Единствената загриженост во Лидс е да не прегорат играчите од неговото лудо темпо на работа. Сепак, моралот е висок и тие се чувствуваат подобри од било кога. Биелса присуствува и на тимот до 23 години и им одредува начини на тренинг.
Биелса долго време ја чекаше шансата во англискиот фудбал. Беше да ги следи мечевите на ЕП 1996 и на два пати беше на интервју за работа во Премиер лигата.
Сега тој и Лидс се на половина пат до ветената земја.