Манчестер Јунајтед сезонава не игра во Лига на шампиони, беше елиминиран од третолигашот МК Донс во Лига Купот и прими 5 гола од Лестер кој сезонава влезе во Премиер лигата. Малерите тука не им завршуваат.
Во последниве две кола навивачите конечно се израдуваа на две последователни победи во првенството, но со вакво темпо на губење играчи, тешко ќе им оди во борбата за на врвот од табелата.
19 годишниот Педи МекНејер ја повреди тетивата на последниот меч против Евертон и стана петтиот дефанзивец кој не е на располагање на Ван Гал. Останатите се Лука Шо (колено), Џони Еванс (глужд), Фил Џонс (тетива) и Крис Смолинг (мускул).
Повредени се уште и Андре Херера (скршено ребро), Џеси Лингард (колено), Мајкл Карик (глужд) и Ешли Јанг (препони).
Лекарскиот тим ќе треба да го извести холандскиот стратег на кого како ќе му оди со закрепнувањето, а паузата во првенствата и не му е некоја утеха. Главните играчи како Де Хеа, Рохо, Блинд, Ди Марија, Руни и Ван Перси имаат репрезентативни обврски, а нивниот тренер сигурно само ќе се моли да се вратат здрави или подобро воопшто да не влезат во игра.
Мирно не спие ниту Арсен Венгер кој ги нема првотимците Артера, Рамзи, Дебуши, Жиру и Волкот. Од големите екипи најмали проблеми на оваа тема има Пелегрини кој не може да смета на само двајца фудбалери.