Навивачите на Бари беа во големо исчекување пред судот каде се одлучуваше иднината на клубот кој пред три години беше дел од Серија А. По 13 наддавања, најдобрата понуда на лицитацијата беше онаа на Папареста кој со својата фирма успеа да го откупи за 4,8 милиони евра.
Клубот кој ќе го носи името ФК Бари 1908 и покрај големата криза, сезонава имаше одлични резултати во втората италијанска лига. На последниот триумф против Читадела кој им овозможи плејоф натпреварување за пласман во Серија А, имаше поддршка од 35.000 навивачи.
Финансиските проблеми на Бари настанаа по испаѓањето во втора лига во 2011 година и повлекувањето на фамилијата Матаресе која го водеше клубот 28 години.
Потоа за Бари почна големата криза. Клубот ги распродаде главните играчи и се одржуваше на стаклени нозе со младинци. Доцнеше со плати, а згора на се беше казнет и со одземање на бодови поради вмешаност во големиот скандал со местење натпревари, Калчоскомесе.
Бари ги игра натпреварите на стадионот „Сан Никола“ кој има капацитет од 60.000 седишта и кој беше домаќин на финалето од Лигата на шампионите во 1991 помеѓу Црвена Ѕвезда и Олимпик Марсеј.
Голема поддршка клубот доби и од Антонио Касано кој е роден во Бари и каде беше дел од младинската школа на клубот со кој потоа се натпреваруваше и во Серија А.