Ако ве праша некој кој беше симболот на фудбалската репрезентација на Германија во 80-те и 90-те мора да бидете спремни со само еден и единствен одговор: Лотар Матеус, фудбалерот кој е избран од страна на Пеле во 100 најдобри живи играчи и кој Диего Марадона во својата книга „Јас сум Диего“ го опиша на следниов начин:
„Тој е најдобриот ривал со кој сум се соочил. Мислам дека е тоа доволно за да го опишам“.
За него човек не знае што попрво да издвои од кариерата. Рекордер е со 150 настапи за Германија за која играше 20 години. Прво играше офанзивно во среден ред, а потоа со годините се повлече поназад и делуваше како командант во одбрана со страшен осет за позиционирање во игра.
Со оглед на тоа за каков играч стануваше збор и не чуди неговата богата колекција на трофеи која брои: 7 титули во Бундеслигата, 3 германски Купови, 3 Лига Купови, Супер Куп на Германија, Куп на УЕФА, сите со Баерн Минхен. Потоа Скудето, Супер Куп на Италија и Куп на УЕФА со Интер и Светски и Европски шампион со Германија. Мора да се спомене и Златната топка 1990.
Некои од нашите коментатори знаат да кажат: „Фортуната не беше на негова страна“. И токму во оваа приказна за Матеус тоа се случи два пати во кариерата и на тој начин остана играч со неосвоен трофеј по кој пати и Златан Ибрахимовиќ. Веќе сигурно ви е јасно, се работи за Лигата на шампионите.
Првата прилика ја имаше на 27 мај 1987-ма кога Баерн Минхен во Виена се сретна во финалето со Порто. Лудвиг Кугл погоди за Баварците во 24 минута, водство кое го држеа скоро еден час. За две минути падна сè во вода. Во 79 минута Алжирецот Рабах Маџер направи атракција со петица, а во 81-ва Бразилецот Жуари направи пресврт. И така овие двајца анонимуси го имаат подигнато, а Матеус никогаш не го подигна најпосакуваниот трофеј во Европа.
12 години подоцна на Камп Ноу за Матеус тоа беше втора и последна шанса, но судбината сакаше тој да биде дел од нов пресврт и тоа еден од најпознатите во историјата на фудбалот.
Марио Баслер по само 6 минути игра го матираше Шмајхел од слободен удар. Баварците имаа контрола над играта и резултатот кој го одржаа се до регуларните 90 минути. Потоа настана шок по кој Минхен никогаш нема да се освести.
Џокерите на Фергусон, Солскер и Шерингам му го сторија истото на Матеус што му се случи против Порто, но овој пат во судиското продолжение, кога апсолутно никој не очекуваше. Порто и Манчестер Јунајтед фрлија една дамка во кариерата на легендарниот Германец кој остана без само еден трофеј во кариерата.
Дали е судбина или лоша среќа е сосема небитно. Матеус важеше за упорен и издржлив фудбалер кој играше фудбал до 40 години. Тие два епитети важат и за неговиот приватен живот.
Прв брак со Силвија (Германка)
Втор брак со Лолита (Швајцарка)
Трет брак со Маријана (Србинка)
Четврти брак со Кристина Лилиана (Украинка)
Петти брак со Анастасија (Украинка)