Стопер на Сити менува репрезентација само за да заигра на Европско

Командантот на одбраната на шампионот во Премиер лига, Емерик Лапорт одигра повеќе од 50 меча за младинските репрезентации на Франција, но во вторникот доби шпански пасош и наскоро ќе заигра за фуријата.

Како што пишува Марка, селекторот на Шпанија Луис Енрике бил лично заинтересиран за стоперот на Сити.

Енрике уште пред неколку неделуи побарал од раководните луѓе во фудбалската федерација на Шпанија да ги разгледаат сите можности за натурализација на 26-годишниот Французин со баскиско потекло. Шпанците провериле се брзо за да успеат да средат документи пред почетокот на Европското летово.

Лапорт игра врвна сезона во шампионот Манчестер Сити со кого го чека и финале на Лига на шампиони против Челси.

Благодарение на залагањето на Вишиот совет за спортски прашања и нејзиниот нов претседател Хозе Мануел Франко, Емерик деновиве ќе ги добие сите потребни документи да се најде на списокот патници за Европско кој ќе се објави на 21 мај.

НЕ ТРЕБАЛ ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД ФРАНЦУСКО ДРЖАВЈАНСТВО

Стоперот на Манчестер Сити ќе поседува двојно државјанство. Во средината на март Франција и Шпанија потпишале конвенција за двојно државјанство. Претседателот на Франција Емануел Макрон потсетил дека на француска територија живеат 190.000 Шпанци а во Шпанија околу 150.000 Французи.

„Оваа конвенција ќе дозволи граѓаните од секоја од двете земји да добие државјанство на другата земја и да се олесни секојдневниот живот на илјадници наши сограѓани“, стои во документот.

За сега се чека одобрение од ФИФА, но Марка пишува дека работата е веќе завршена.

ЗОШТО ФИФА НЕМА ДА МУ ЗАБРАНУВА ДА ИГРА ЗА ШПАНИЈА АКО ВЕЌЕ ИГРАЛ ЗА ФРАНЦИЈА?

Емерик Лапорт е роден во францускиот град Ажен, на 135 километри од Бордо. Тој од 2011-та до 2016-та играл за младински репрезентации на Франција, а во 2013-та дури и освоил сребрен медал на Европско У-19.

Но селекторот на Франција Дидие Дешам никога не го викнал Лапорт во репрезентацијата па така овој не дебитирал.

Согласно последните измени во правилникот на ФИФА, фудбалер може да биде регистриран за втора репрезентација, ако до 21 година не одиграл повеќе од три меча за првата репрезентација.

Ова важи за квалификациски и пријателски натпревари, но не за играчи кои настапиле на Европско или Светско првенство.

Покрај тоа ФИФА бара последниот настап на играчот за една репрезентација да биде подолг од 3 години (еден играч да играл за една селекција пред највеќе 3 години и после да може да смени репрезентација). 

Според правилникот на ФИФА, за еден фудбалер да смени репрезентација и заигра за втора, треба да ги исполнува и некои од следните барања:

- Да е роден на територија на фудбалската федерација за која сака да игра,

- Еден од биолошките родители или еден од неговите баби и дедовци да се родени на таа територија,

- Живеел не помалку од пет години непрекинато на територијата на земјата за која сака да заигра.

Емерик Лапорт играше за Атлетико Билбао од 2010 до 2018-та а има и баскиско потекло. 

ЛАПОРТ ОДАМНА САКАЛ ДА ИГРА ЗА ФРАНЦИЈА, АМА СЕЛЕКТОРОТ НЕ МУ ДАЛ ШАНСА

Емерик Лапорте уште во 2015-та година спомнал дека би планирал да заигра за Шпанија ако не добие повик за големи турнири од Франција. Уште тогашниот селектор Висенте Дел Боске сакал да го викне.

„Во моето срце е репрезентацијата на Франција, зошто јас сум роден во таа земја. Но ако немам избор, тогаш треба да одлучам за да играм на Светско или Европско, што е најголема цел на еден фудбалер. Не ги форсирам настаните, но ако ми се укаже прилика ќе треба да решам“, рекол Лапорт.

Интересно во јуни 2016 Лапорт не отиде на Европско со француската селекција а веќе во август истата година селекторот на Шпанија Лопетеги побарал да го натурализираат за да заигра за нив.

После само еден месец добил повик од Франција за квалификациите за Светско 2018 против Бугарија и Холандија.

Лапорт бил пресреќен што ќе биде дел од Франција.

„Имав шанса за шпанско државјанство, но не го земав. Живеам во Шпанија 7,5 години. После пет години имате право да аплицирате, но јас не побарав. Тоа е доказ дека мојата цел беше само репрезентација на Фаранција“.

Но никогаш не дебитирал за триколорите. 

Интересно во март 2017 Лапорт можел дури и да заигра за Франција на пријателска против Шпанија, но останал на клупа за резерви.

Уште една шанса да истрча на терен во дресот на Франција имал во август 2019-та кога го викнале за квалификациски дуели за Евро 2020 против Албанија и Андора но само два дена откако добил покана се повредил во натпревар за Сити.