Долгата репрезентативна приказна на Пандев почна во јуни 2001 против Турција, завршува во јуни 2021 против Холандија. 20 години пот и жртва за светиот дрес како што го вели тој и исполнување на сонот наречен Европско првенство.
Горан Пандев заминува како легенда и рекордер со 122 настапи и 38 голови за Македонија за која изгина на секој меч. Го даде голот вреден пласман на ЕП, а потоа и првиот гол на ова континентално натпреваруање.
68-ма минута од вечерашната средба ќе се врти со години, бидејќи во тој момент заврши неговата авантура. Во игра влезе Тихомир Костадинов, а за Горан аплаудираше цел тим, стручен штаб, како и сите присутни на Јохан Кројф арената.
Стана и неговиот поранешен соиграч Весли Снајдер со кого ја освоија Лигата на шампиони во Интер. Каков емотивен момент.
🇲🇰 First game: 06 June 2001
— UEFA EURO 2020 (@EURO2020) June 21, 2021
🇲🇰 Last game: 21 June 2021
⚽️3⃣8⃣
👕1⃣2⃣2⃣
Goran Pandev 👋#EURO2020 https://t.co/ckq5XYikmu pic.twitter.com/aljQ55OxI2
„Срцето ми е полно, нема поубаво нешто да играм за светиот дрес на едно големо натпреварување. Клупскиот фудбал е нешто друго, а ова е сосема поинакво чувство, кога ќе видиш колку македонци дошле да те бодрат во Букурешт и Амстердам. Цела Македонија застана за нас. Јас сум благодарен на сите, на цела јавност, на сите медиуми и новинари, на сите селектори, масери, доктори... Јас за Македонија го дадов максимумот и време е за крај. Повеќе од ова не можам. Ова е моја конечна одлука, така се чувствувам. Тоа е вистината, не можам да продолжам да играм ако не сум 100%, а за мене на овие 38 години е премногу да играм на два фронта. Сега ќе бидам навивач, а убеден сум дека оваа генерација ќе се избори за Светско првенство. Им посакувам се најдобро, сега сите за нив ќе навиваме“, рече Пандев.