По потрага по информации поврзани за моментално најголемата сензација во европскиот фудбал и како оваа екипа без многу моќ и пари не го дава врвот во Премиер лигата, мислење на оваа тема даде бизнисмен од Србија.
Се работи за 77 годишниот Милан Мандариќ кој три години беше прв човек на Лестер и кој вели дека не е изненаден од тоа што моментално го прави неговиот поранешен клуб.
„Среќен сум, но не сум изненаден од ова што се случува со Лестер. Оставив одлична инфраструктура и започнав еден систем кој само требаше да се надградува. Фантастичните натпревари на Лестер не се резултат на нешто што се случило преку ноќ, туку се плод на долгогодишна работа. Како што победуваа во изминативе 25 кола, така ќе победуваат до крај и ќе ја освојат титулата“, смета нивниот поранешен газда.
Мандариќ е растен во Нови Сад, а потоа се преселил во САД и влегол во компјутерски бизниси. На листата на 2.000 најбогати луѓе во светот, бил рангиран на 1.049 место. Пасија му е фудбалот и така почнал прво да вложува пари во американски екипи.
На европскиот фудбалски пазар влегол во 90-те, а прв клуб му бил Шарлроа од Белгија. Потоа продолжува со Ница, па Портсмут, а во 2007 година го купува Лестер за околу 8 милиони евра. На почеток не му оди добро, менува четири тренери и испаѓа во трета лига, но потоа успеал да го врати клубот во Чемпионшип.
„Кога ќе добиете 150 милиони евра за тв права не може лесно да ги трошите. Тоа го знаат во Лестер, за разлика од гигантите кои парите ги трошат како хоби“, смета Мандариќ кој не го држело место во еден клуб.
Следени предизвици му биле Шефилд Венздеј и Олимпија Љубљана, откако Лестер му го продал на сегашниот сопственик, тајландскиот бизнисмен Vichai Srivaddhanaprabha (не се трудите да го прочитате) за 52 милиони евра.
Како газда на Лестер, Мандариќ во ноември 2007-ма беше уапсен поради сомнение за корупција во фудбалот заедно со уште петмина, меѓу кои и Хари Реднам, но на крај мина без обвинение.