Македонија со пораз ги стартуваше квалификациите за Светското првенство, но играта, посебно во првото полувреме, влева надеж дека оваа генерација предводена од новиот селектор може да одигра храбро и да се носи со сите големи светски фудбалски сили.
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Чеде Јаневски се одлучи за офанзивна формација со Ибраими, Тричковски, Пандев и Ристиќ во нападот, но офанзивно тргнаа и Хрватите.
Израниците на Штимац ја имаа огромна шанса уште во првата минута кога по еден центаршут од левата страна Едуардо биеше со глава, но за наша среќа ја погоди само стативата.
Во почетните минути Македонија се закануваше со контра напади и со удари од далечина, но по 20 минути нашите фудбалери се ослободија од притисокот и изведоа три корнери едно по друго.
По изведувањето на првиот корнер нашиот капитен Пандев се најде во одлична шанса, но голманот Плетикос со контакт го спречи во намерата, а при оваа ситуација израелскиот судија слободно можеше да покаже на белата точка, но тој досуди само корнер.
Во 32-та минута нова шанса за Македонија, а овој пат Хрватите ја вадеа топката од пред гол-линијата. По корнер удар од левата страна Ванче Шиков беше највисок во скокот и успеа со глава да ја испрати топката на прва статива, но пред самиот гол ударот го изблокира хрватскиот капитен Срна.
На четири минути пред полувремето Горан Пандев испрати проектил од 20 метри, но Хрватите повторно имаа огромна среќа затоа што ударот заврши во пречката од голот на Плетикоса.
За одличната игра на Македонија во првиот дел доволно говореа и свирежите со кои гледачите на Максимир ги испратија своите фудбалери во соблекувалната на паузата помеѓу двете полувремиња.
Како и на почетокот на натпреварот и на почетокот на второто полувреме Хрватска ја имаше иницијативата и направи притисок кон нашиот гол, но не успеваа посериозно да се заканат.
Богатинов и дефанзивната линија успеваа да одолеваат на одолеваат на хрватските налети и пополека се ослободуваа од притисокот, но едно невнимание во 69-та минута и стигна казната. Модриќ го искористи невниманието на Попов и Новески и го пронајде Манџукиќ кој со глава врати до Никица Јелавиќ, а тој исто така биеше со глава и успеа да го совлада Богатинов за 1:0.
Оваа предност хрватските фудбалери умешно ја задржаа до крајот и славеа победа на првиот натпревар од квалификациите за Светското првенство кое ќе се одржи во Бразил во 2014-та година.
Следниот натпревар Македонија ќе го одигра веќе во вторник кога гостуваме во Шкотска.