Некои луѓе едноставно не сфаќаат дека живееме во ерата на интернетот и денес се може да се открие или провери. Таков е и случајот со некои фудбалери кои одбија да одговорат на повикот на Бобан Бабунски, селекторот на младинската репрезентација на Македонија за претстојниот квалификациски натпревар против Норвешка.
Во текот на вчерашниот ден, на пет дена пред гостувањето во норвешкиот град Драмен, ФФМ соопшти дека заради повреда од списокот отпаднале Валмир Нафиу (Хамбург - Германија), Елвис Бајрам (Рапид Виена - Австрија) и Дејан Илиев (Арсенал - Англија).
Информацијата дека Нафиу нема да игра за Македонија за прв пат беше објавена на сајтот на Хамбург на 2 септември, без да биде наведена причина, но следниот ден, како што пренесува MacedonianFootball.com, тој одигра 69 минути на пријателски натпревар против нисколигаш.
Тоа значи дека причината која тој нема да игра за Македонија не е повреда и покрај тоа што на 5 август на сајтот на ФФМ беше објавено:
„И покрај сите напори на медицинскиот тим на Хамбург да го оспособи Валмир Нафиу беше одлучено дека нема да биде во можност да биде дел од ексипедицијата што се подготвува за оваа средба."
Следен на списокот на фудбалери кои откажаа е фудбалерот на Рапид Виена, Елдис Бајрами. Исто како Нафиу, така и Елдис Бајрами одигра натпревар за неговиот клуб во вторникот. Тој играл 73 минути за аматерскиот состав на Рапид против градскиот ривал Австрија Виена, па дури постигнал и гол.
Бајрами е роден во Австрија и може да настапува за оваа репрезентација, па се поставува прашањето дали можеби „повредата" е од типот „Стојановиќ"? Колку за потсетување, Дејан Стојановиќ е младиот голман на Болоња кој дебитираше за младинската репрезентација на Македонија, но потоа се предомисли и почна да игра за Австрија.
На Бабунски му откажа и голманот Дејан Илиев кој во петокот бранел за младинскиот тим на Арсенал против Блекбурн. Следниот натпревар на младинскиот тим на Арсенал е закажан за 12 септември, два дена по дуелот со Норвешка, па преостанува да видиме дали и тој до тогаш ќе заздрави.