Астон Вила со 2:1 го совлада Дерби Каунти и после три години се враќа во Премиер лигата.
Најголемата ѕвезда во екипата, човекот кој сезонава беше најзаслужен што Вила дојде во прилика да игра во плејофот, не постигна гол во решавачкиот меч, но играше во среќните копачки кој според него, му ја донеле победата. Ги носи од март месец.
Станува збор за популарните копачки модел Nike Phantom III. Грилиш ги облекол после повредата на гостинскиот меч со Дерби Каунти во март (4:0) и од тогаш не ги менува. Астон Вила на врвен начин ја заврши сезоната: 12 победи (вклучувајќи ја и серијата од 10 меча без пораз), 1 нерешена и 2 порази.
По ремито со Лидс Јунајтед, 10-та и лидер на Вила, Џек Грилиш одлучил да не ги менува копачките до крајот на сезоната. На крајот му се оствари сонот: Астон Вила влезе во елитата.
„Се вратив после повреда и копачките беа во одлична состојба цело време. Недопрени. Давав голови со нив, местев асистенции, и мислам дека ми носат среќа. Со нив го играв и решавачкиот меч во сезоната.
Немам зборови. Ова беше многу тежок меч. Да се влезе во Премиер лига за мене е буквално сè на светот. Знаеме каде му е место на овој клуб.
Останав во клубот (после испаѓањето) и сега се вративме. Ја внесов екипата од моето детство во Премиер лига“, рекол Грилиш за Sky веднаш после мечот.
Сезонава постигна неколку фантастични погодоци:
****
Идол на Грилиш му е Џорџ Бест
Лидерот на Вила има мошне интересна кариера. На 15 години тој на Sky Sports гледал интересна документарка посветена на легендарниот Џорџ Бест. Северноирецот кој многумина го сметаат за најголем фудбалер на сите времиња и којшто го викале „петтиот битл“ имал неверојатен дриблинг.
Џек ден-денес и на теренот и надвор од него го имитира најдобриот играч на Манчестер Јунајтед во минатото, кој имал многу испади во приватниот живот.
Случајот кога одбил да игра за репрезентацијата на Ирска не е единствен скандал во кој западнал 23-годишниот миленик на навивачите на Вила (ги поминал сите младински репрезентации на Ирска У-16, У-17, У-18 и подоцна во 2016 дебитирал за Англија У-21). Како и неговиот идол Џорџ Бест, и Џек знаел одвреме-навреме да потегне алкохол, па така еднаш го сликале како лежи во бесознание на улиците во шпански Тенерифе.
Џек Грилиш сезонава беше во центарот на вниманието по неверојатниот скандал кој го направи навивач на Бирмингем во големото градско дерби, кога влезе на терен и силно го удри лидерот на Астон Вила.
Џек имаше сезона од соништата: 34 меча, 6 гола и 7 асистенции како плејмејкер задолжен за организација на нападите. Тој учествувал во 14% од головите на екипата. Според Whoscored Англичанецот имал 87% точни додавања. Дури 7 пати бил прогласуван за играч на мечот.
Неговата вредност на пазарот пред две години била 5 милиони евра а сега се проценува околу 20 милиони.
„Вила е мој клуб, јас сум воспитан со тоа во крвта. Моја цел е да играм во првиот тим колку што можам повеќе. Кога млад ќе ги поминете сите младински категории во клубот, сфаќате колку е тешко да се стигне до првиот тим. И кога ќе стигнете до целта, сакате уште и уште. Знам колку напорно мора да работам за да докажам дека заслужувам да бидам во тимот“, рекол Џек пред неколку години, несвесен дека ќе стане лидер.
Триумфот на Астон Вила синоќа против Дерби во плејофот за Премиер лига ќе и донесе најмалку 180 милиони фунти во следните три сезони: 97 милиони од Премиер лига, 78 милиони од тн. падобрански уплати и 5 милиони бонуси од англиската фудбалска лига.