Нема одмор за нашиот национален кошаркарски тим кој вечерва од 21 часот ќе се соочи со српската кошаркарка репрезентација која по победите против Литванија и Босна и Херцеговина се покажа како многу незгоден противник и покрај тоа што е подмладена со за нас непознати кошаркари.
Избраниците на Алеш Пипан се револтирани и разочарани од досегашното судење на арбитрите кои потфрлија токму во завршницата на двата дуела против Црна Гора и Литванија, а револтот го искажа капитенот Перо Антиќ кој рече дека не бара никој да ни попушта, туку судењето да биде фер и еднакво.
Без коментар за досегашнот судење не остана ниту нашиот искусен селектор кој изјави дека не се соочувал до сега со ваква неправдина. Но сепак изјави дека не е ништо загубено и дека вистинското лице на македонските кошаркари допрва доаѓа.
Ваквите натпреварувања со збиен календар не дозволуваат многу враќање на минатото затоа што секој ден носи нов предизвик и нова шанса за победа. Таа ја посакуваат над 1000 македонски навивачи во Јесенице кои го обоија градот во црвено жолта боја.
Четата на Пипан има огромна поддршка во салата „Подмежакла", но и голем мотив за да и покаже на Европа дека тоа што го приредија на Евробаскетот во Литванија не беше случајно. Погрешните судиски одлуки нека бидат дополнителен мотив за нашите кошаркари кои само со победа на вечерашниот дуел ќе имаат мирен слободен ден кој им следува утре.