Снајдер: Не ми е гајле за Интер

Поранешниот фудбалер на Интер воопшто не е загрижен за мизерната сезона на „Нероаѕурите" со кои пред 3 години стигна до историската тројна круна.

Плејмејкерот на Галатасарај го нападна својот поранешен клуб откако беше принуден предвреме да си замине, па дури изгледа и среќен за неуспешната сезона на Интер кој не успеа да се избори ниту излез во Европа.

Проблемот со Весли Снајдер настана откако минатата сезона тој одби да прифати нов договор со помала плата и поради тоа не беше ниту во поширокиот состав на Интер. Нивната неуспешна сезона тој објаснува дека им се вратила како еден вид бумеранг поради начинот на кој го третираа.

„Жал ми е многу за играчите и навивачите, но не ми пречи воопшто за другите во клубот што Интер заврши на деветтата позиција и што тренерот мораше да си замине. Тие не обезбедија ниту пласман на меѓународните натпреварувања и се надевам со ова ќе размислат за сето ова што им се случува", изјави Снајдер.

Фудбалерот на Галатасарај додаде дека луѓето во клубот не ја заслужуваат неговата почит и доверба и дека сето тоа што му се случи го направиле само посилен. Холандскиот репрезентативец во првата негова сезона во Галасарај стигна до шампионската титула во турското првенство.

31 мај 2013 - 10:58