Следи ја формата на играчите на ЕП 2016

Во конкуренција на 552 фудбалери кои ќе настапат на престојното Европско, во моментов на трето место според формата е францускиот репрезентативец Димитри Паје кој со мајсторијата од слободен удар против Камерун се искачи високо на листата која оди вака.

УЕФА направи барометар кој ја следи моменталната форма на сите играчи кои ќе се појават на Европското првенство во Франција. Како оди тоа?

Барометарот работи според формата на играчите со помош на официјална статистика и преку алгоритам создава рангирање на фудбалери во најдобра форма.

Категориите се поделени на: голмани, централни бекови, странични бекови, играчи од среден ред со дефанзивни задачи, играчи од среден ред со офанзивни задачи, крила и напаѓачи.

Па така податоците се црпат во зависност од позицијата. На пример лизгачки стартови и одземање на топка одат на контото кај играчите од среден ред со дефанзивни задачи, а дриблинзи и нафрлени топки кај крилата.

Алгоритамот користи статистика од сите натпревари на играчите за клуб и репрезентација од 1 јануари годинава и ќе ги следи и апдејтира на секој меч за време на Европското. Колку е по тазе мечот, толку поголема тежина има статистиката на играчите. Тој што не е активен поради повреда или е на клупа, ќе му паѓа позицијата.

Откако ЕП 2016 ќе почне, статистичките податоци ќе се вреднуваат најмногу, што значи дека листава ќе трпи промени во зависност кој како ќе игра од 10 јуни до 10 јули.

Во моментов број 1 е Роналдо, втор е Ибрахимовиќ, трет Паје, па Гризман, Милнер, Коке, Рамос, Крус, Хуанфран, Фабрегас, а на листата ги има најдобрите 100 според моменталната форма.

Може да ја следите тука.

2 јуни 2016 - 12:29