Славниот Роберто Розети гостин во Македонија на покана на ФФМ

„Безбедноста на играчите останува цел број 1 на УЕФА во судењето. Ќе продолжиме да бидеме строги. Фокусот секогаш е на заштита на играчите“, изјави шефот на УЕФА за судење, Роберто Розети.

ФФМ организираше напреден едукативен семинар за судиите и асистентите судии од ПМФЛ, како и свечена церемонија за доделување на ФИФА амблемите за македонските интернационални судии за 2026 година.

Повеќе од 70 судии и асистенти учествуваа во работните сесии, со цел дополнително унапредување на квалитетот на судењето.

На настанот во Скопје присуствуваше поранешниот италијански судија Роберто Розети, кого го паметиме од Серија А, како и од големите меѓународни натпревари.

„Потребни ни се квалитетни судии од секаде, вклучително и од Македонија. Потребни ни се врвни судии, потребен ни е квалитет. Отфрлете ги негативните мисли и дајте го вашиот максимум. Со нетрпение очекуваме да видиме судии од овие простори во нашите најголеми натпреварувања, во Лигата на шампионите, на Европските првенства и насекаде на меѓународната сцена. Сè зависи од вас“, порача шефот на судиите на УЕФА, Роберто Росети.

Тој упати благодарност и до раководството на ФФМ за континуираната поддршка кон судиската организација, потенцирајќи дека без силна поддршка од националните асоцијации не може да постои квалитетно судење. Росети ја истакна и важноста на инвестициите во услови за работа, организација и технологија, вклучително и во унапредувањето на ВАР системот.

Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ во своето обраќање истакна дека федерацијата го исполнува ветувањето дадено пред една година, максимално да инвестира во судењето, во знаењето и едукацијата на судиите.

„Судиите се најважниот дел од судиската организација. Вашето однесување и вашите одлуки можат да го направат првенството многу полесно. Ние како федерација го правиме нашето, инвестираме во вашата едукација и развој. Од вас бараме да учите, да слушате совети од поискусните, да судите чесно и со минимум грешки. Убеден сум дека можете уште подобро. И покрај тоа, морам да кажам дека сме задоволни од начинот на кој судите и се однесувате“, истакна Омерагиќ.

Семинарот беше фокусиран на напредна стручна анализа на ситуации од натпревари, унифицирање на критериумите, физичка подготвеност, како и употреба на современа технологија во судењето.

23 февруари 2026 - 08:25