Беше 6 сезони незаменлив организатор во играта на Милан, одбележа 270 настапи и 95 гола на сите натпреварувања. Ја освои Златната топка во 2007 година и освои 5 различни трофеи со „Росоњерите".
Но фантастичната форма и успесите на популарниот Бразилец му го променија животот. Со враќањето на Флорентино Перез на претседателската клупа на Реал Мадрид, тој беше дел од најголемите засилувања на „Сантијаго Бернабе" каде замина за сума од 65 милиони евра.
Во Реал неговата улога е сосема различна. Тој има одиграно 6863 минути или само 33% од целосната можна минутажа, а нема постигнато ниту еден гол на 7 одиграни дерби мечеви против Барселона.
Кака како да се навикна да биде резервна варијанта во „Кралскиот тим" во кој Роналдо и Озил се првотимци, а понекогаш и Модриќ. На неговата позиција од наредната сезона во комбинација ќе биде и младиот Иско, а тоа ќе биде дополнителен проблем за него кој има договор со Реал до 2015 година.
Бразилецот како и сите други ѕвезди кои летово поминуваат илјадници километри и парадираат пред фотоапаратите и камерите, замина во Кина каде се забавуваше и се сликаше со највисоките кошаркари од оваа земја.
Од таму испрати порака дека и покрај тоа што има мали шанси за поголема минутажа, ќе разговара со Карло Анчелоти кој му беше тренер во Милан за тоа какви се неговите шанси за да биде почесто дел од првиот состав на Реал.
Последните неколку лета Кака беше поврзуван со дури 30 клубови од 11 различни земји, а меѓу нив фали уште да видиме некоја понуда како на пример од Африка и Океанија. Најмногу шпекулации околу неговата иднина имаше од англиските и бразилските клубови, но Кака по се изгледа си ужива во Мадрид со 9 милиончиња во џеб секоја година.