Официјалниот Твитер профил на Милан пријатно ги изненади навивачите откако пред мечот од Интернационалниот шампионски Куп во Канзас Сити против Баерн, во составот од почеток го најави Даниел Малдини.
По легендарниот дедо Чезаре во 1954-та година и татко му Паоло во 1985-та, синоќа после 34 години дојде редот на младиот 17-годишен Даниел првпат откако игра фудбал да се најде во почетниот состав на славниот Милан.
Му го дадоа бројот 98 и Даниел беше сосема солиден во дуел против германскиот гигант Баерн.
Роден е на 11 октомври 2001 година, а тренерот Џампаоло го гледа во улога на полушпиц, зад напаѓачите.
Милан изгуби со 1-0, но дебитантскиот настап на Даниел Малдини беше позитивиен. Тој во првиот дел имаше и сериозна шанса за гол, но шутот му заврши над пречката на Ноер. Играше околу 59 минути после што Кутроне го замени на теренот.
Во меѓувреме Gazzetta Dello Sport пишува дека за Даниел бил заинтересиран второлигашот Кротоне кој би сакал да го доведе на позајмица и калење пред да се врати на Сан Сиро.
Во секој случај тоа што е повикан на големата турнеја на Милан во САД е добар знак за иднината на Малдини-јуниор.