Работнички за првпат во својата историја испадна од елитата. По цели 28 сезони, од како влезе во ПМФЛ во таа 1998/99 сезона, за првпат успеа да испадне, официјално.
Голема штета, не само заради самиот Работнички, туку и поради мак – фудбалот. Погледнете го само списокот на репрезентативци на Македонија во последните 7-8 години и ќе видите дека на него се повеќе од половина играчи кои играле или се „деца“ на Работнички.
Четири шампионски титули во ПМФЛ и исто толку пехари во Купот и уште пласман во три Куп финалиња.
Да не говориме дека во 2006 година играше плејоф со Лил за пласман во ЛШ, потоа уште два пати играше плејоф во ЛЕ со Лацио и Рубин Казан.
Во Скопје во тие златни времиња Работнички ги донесе и Ливерпул, Лацио, Локомотив Москва, ги елиминираше Трабзонспор, Анортозис, Дебрецин, едноставно клуб за гордост. На 60 европски мечеви дури 21 победа.
Работнички важел и за фраерски клуб, дали тоа беше под водство на семејството Костовски или под водство на Драган Поповски. Замислете во 2007 година, претпоследно коло на гости доаѓа Победа.
На Работнички му е доволен и бод за да ја официјализира својата трета титула во низа, имаше водство од 1:0, но прилепчани славеа со 1:2 на крајот и во последното коло ја освоија титулата.
И никому ништо, немаше тепачки, немаше плачење по судиите, немаше ништо од тоа што сега го прават други клубови. Мирно и достоинствено се призна поразот со ветување дека следната сезона ќе газат. Така и беше, следната сезона двојна круна, едноставно сите беа буквално ЗГАЗЕНИ.
Уште еден пример. Во 2018 година последно коло доаѓа Шкупи на гости, на Работнички и бод му е доволен за излез во Европа, но чаирчани со гол во 90+5.минута славеа победа и Работнички остана со“празни раце, и никому ништо. Немаше врескање по судиите…
Тоа е манир на голем клуб, како што некогаш беше Работнички.
И покрај тоа што не беше општинско, градско или државно “милениче“, Работнички и само Работнички откако влезе не испадна, до сега. Вардар, Шкендија, Победа, Пелистер, Силекс, Слога Ј или Шкупи, да не говориме за Брегалница, Тиквеш, Македонија ЃП и останатите кои имаат најмалку по две сезони во ВМФЛ во самостојна Македонија.
Целиот текст прочитајте го на sportsport.mk