Што треба да знаеме за новиот стопер на Манчестер Јунајтед?

По серијата неуспешни обиди, во прес центарот на  „Олд Трафорд“ конечно се случи промоција на нов играч. Со црвениот дрес се сликаше аргентинскиот лев бек, Маркос Рохо, кој по заминувањето на Фердинанд, Видиќ и Евра, ќе има голема одговорност пред Луи Ван Гал.

- Името и презимето на играчот кој ја бранеше левата страна на аргентинската фудбалска репрезентација на Мундијалот во Бразил не е само Маркос Рохо. Неговото целосно име е Фаустино Маркос Алберто Рохо;

- Роден е во 1989. година во Ла Плата, а најдобри совети за тоа што го очекува во Манчестер му дал Хуан Себастијан Верон, поранешниот играч на „црвените ѓаволи“;

- Рабона" е омилениот потег на Рохо, кој ја прави оваа финта без разлика дали е во напад или треба да ја исфрли топката од својот шеснаесетник;

- Европската авантура, нискиот бек ја започна во Спартак Москва, каде дојде во 2010. година од неговиот матичен клуб Естудијантес;

- Од главниот град на Русија, Маркос Рохо си замина по само една година, а следна дестинација му беше Спортинг Лисабон;

 - Како Порто, така и Спортинг успешно работи на трансфер пазарот, па така „зелените“ го купија Рохо за 3 ипол милиони, а сега го продадоа во Манчестер за 16 милиони фунти.

- Аргентинецот е модерен дефанзивец кој може да игра на неколку позиции. Универзалноста во играта му овозможува со ист успех да игра и како лев и како централен бек, но и како лево крило, нешто што најмногу би му одговарло на тренерот Ван Гал во неговата формација 3-5-2;

- Рохо нема да дебитира против Сандерленд, затоа што сè уште нема работна дозвола;

- Само пофалби на сметка на новото засилување имаше Ван Гал, кој после воведниот пораз од Свонси потенцираше дека на одбраната ѝ треба реновирање;

- Спортинг Лисабон ќе добие 8 милиони фунти веднаш и уште 4 милиони во декември следната година. Остатокот од средствата се компензација за позајмицата на Нани, кој се враќа во Лисабон како позајмен играч;

- Рохо е препознатлив по бројните тетоважи по целото тело. По Даниел Агер, сигурно дека Рохо ќе стане новиот тату – симбол на Островот;

- Аргентинскиот бек не настапи за Спортинг на отворањето на сезоната минатиот викенд.

22 август 2014 - 20:05