Со финалето од ФА купот, англискиот фудбал до август ја затвори продавницата и ќе биде на одмор. Сепак, тоа не важи за Челси, кој на три кола пред крајот ја обезбеди титулата и отпатува во Австралија каде ќе одигра неколку пријателски средби.
- Еден Азар, Диего Коста и Џон Тери се ѕвездите кои заминаа со мешаниот состав на Сините во Сиднеј. Челси вечерва ќе игра против Сиднеј ФЦ, пред 83.500 гледачи.
- Во сабота, на 6. јуни се игра големото финале од Лигата на шампионите. Во Берлин ќе се судрат Јувентус и Барселона. Истиот ден започнува и Мундијалот во женски фудбал кој се одржува во Канада, каде домаќинот ќе отвори со Кина.
- Една недела подоцна на програмата се квалификациите за Европското првенство во Франција, кога нашата репрезентација ќе гостува кај Словачка во Братислава. За тој период се предвидени и пријателски средби.
- На 11-ти јуни започнува и Копа Америка, каде ќе играат Фалкао, Меси, Агуеро, Лавеци, Тевез, Оскар и други Јужно-американски ѕвезди. Во три групи А, Б и Ц ќе се натпреваруваат Чиле, Мексико, Еквадор, Боливија, Аргентина, Уругвај, Парагвај, Јамајка, Бразил, Колумбија, Перу и Венецуела.
- На 15-ти јуни започнува и Европското првенство за фудбалери до 21 година, каде ќе настапат неколку ѕвезди меѓу кои и Хари Кејн. Поделени во две групи, за титулата и за пласман на ОИ во Рио 2016, ќе се борат Чешка, Данска, Англија, Германија, Италија, Португалија, Србија и Шведска.
- Во јули започнуваат и квалификациите за Лига на шампиони и Лига Европа во кои ќе учествуваат и нашите претставници, Вардар, Работнички, Ренова и Шкендија. Шампионот Вардар на 22. јуни ќе го дознае својот противник во второто квалификациско коло за ЛШ, а дуелите ќе ги игра на 14 или 15 јули со реваншот недела дена подоцна.
- Од европските фудбалски првенства, вообичаено прво ќе стартува англиската Премиер лига која почнува на 8. август.