Актуелниот шампион не импресионираше, но сепак Португалците не го најдоа лекот и Шпанија се избори за финале и ќе има шанса да биде првата репрезентација која ја одбранила титулата на едно Европско првенство.
Арбелоа ја имаше првата сериозна прилика на стартот откако беше проигран од Иниеста, но неговиот шут заврши над голот.
По малото затишје и свирежите од публиката, Шпанија конечно се доближи до шестнаесетникот на Португалија дури во 29-та минута кога Иниеста биеше од работ на казнениот простор, но топката отиде над голот.
Веќе во следната минута се закани и Роналдо, но неговиот шут заврши крај десната статива на Касиљас.
Шпанија имаше повеќе посед на топка, но избраниците на Паоло Бенто направија поголем притисок во текот на првото полувреме. А за тоа дека актуелниот шампион беше немоќен да наметне своја игра, говори и фактот што Шпанците не упатија ниту еден шут во рамките на голот во првите 45 минути.
Двете репрезентации продолжија со внимателната игра и во вториот дел, а единствени возбудувања беа нервозните моменти и неколкуте жолти картони.
По 68 минути игра и милион додавања, Шпанците конечно шутнаа во рамките на голот, но шутот на Иниеста беше лесен плен за португалскиот голман.
Вечерва „раштиманиот" Кристијано Роналдо имаше колосална шанса да го реши натпреварот во последната минута откако Португалија тргна во контра напад, а нивната главна ѕвезда изби сам од десната страна на шестнаесетникот но топката заврши високо на трибината зад голот.
Исто како и финалето на Светското првенство во 2010-та година, Андрес Иниеста можеше да биде човекот на одлука во продолженијата. Алба се проби по левата страна во 104-та минута и го проигра Иниеста пред голот, но голманот Руи Патрисио успеа да го одбрани неговиот удар.
Шпанија направи притисок во второто продолжение, но сепак мрежите мируваа и финалистот мораше да биде одлучен по изведување на пенали.
Уште во првата серија Патрисио го одбрани ударот на Чаби Алонсо, а истото му успеа и на Касиљас при пеналот на Мутињо.
Следеа погодоци на Иниеста, Пике и Рамос за Шпанија, како и Пепе и Нани за Португалија, но во четвртата серија Алвеш ја погоди пречката, а Сеск Фабрегас беше херојот на актуелниот шампион кој со реализација во последната серија ја одведе репрезентацијата во финалето.