Шпанија и Германија вредат над милијарда, а Роналдо колку четири Унгарии

Шпанија, Германија, Франција и Англија се селекциите со најголема вредност на Европското првенство, а во топ 4 највредни фудбалери влегуваат Кристијано Роналдо, Герет Бејл, Роберт Левандовски и Томас Милер.

Актуелниот Европски првак Шпанија кој ги освои претходните два Еврошампионати во 2008 и 2012-та ја има најскапата селекција на ЕП 2016. Според Трансфермаркет составот на Дел Боске тежи 592 милиони евра.

Најскап фудбалер меѓу шпанските репрезентативци е Серхио Бускетс чија вредност е 60 милиони евра, а потоа следуваат Коке (50), фабрегас (45), Де Хеа, Пике и Рамос по 40. Под 10 милиони вредат петмина: Бруно Сориано и Марк Бартра по 8, Лукас Васкез (7,5), Икер Касиљас (4) и Аритс Адуриз (3).

Светскиот првак Германија котира на второ место со 12 милиони помалку. Најскап играч им е Томас Милер со 75 милиони евра кој е се уште без гол на Европските првенства, а играше само на ЕП 2012, Крос и Озил се проценуваат по 50, а најмала вредност има Подолски кој вреди 8 милиони евра. Најголем пад во вредноста од 2008-ма бележи Швајнштајгер кој сега чини 12 милиони.

На оваа листа потоа следуваат Франција, Англија, Белгија, Португалија и Хрватска, а меѓу најзвучните селекции најмала вредност има Италија каде најмногу вреди Леонардо Бонучи со 30 милиони евра, а по него следуваа Кандрева и Инсиње со по 25 милиони.

На 22 јуни ќе се игра мечот со најголем куриозитет, а тоа е Португалија – Унгарија или Кристијано Роналдо 110 милиони против Унгарија 27,3 милиони.

Вредноста на сите земји учеснички на ЕП 2016 заедно со нивните највредни играчи

1. Шпанија 592 милиони евра (Серхио Бускетс 60 милиони евра)
2. Германија 580 (Томас Милер 75)
3. Франција 487 (Пол Погба и Антоан Гризман по 70)
4. Англија 477 (Рахим Стерлинг 45)
5. Белгија 460,90 (Еден Азард 70)
6. Португалија 321,70 (Кристијано Роналдо 110)
7. Хрватска 288,25 (Лука Модриќ и Иван Ракитиќ по 50)
8. Италија 272 (Леонардо Бонучи 30)
9. Полска 193,45 (Роберт Левандовски 75)
10. Турција 182,5 (Арда Туран 30)
11. Швајцарија 174,85 (Гранит Џака 35)
12. Велс 170,10 (Герет Бејл 80)
13. Русија 136,20 (Олег Шатов и Игор Акинфеев по 14)
14. Австрија 128,35 (Давид Алаба 45)
15. Украина 123,60 (Јевген Конопљанка 25)
16. Ирска 89,30 (Сеамус Колеман 19)
17. Шведска 86,85 (Златан Ибрахимовиќ 15)
18. Словачка 84,40 (Марек Хамшик 35)
19. Чешка 65,95 (Петр Чех 12)
20. Романија 54,70 (Влад Кирикеш 5,5)
21. Албанија 46,15 (Елсаид Хусај 12)
22. Исланд 41,55 (Гилфи Сигурдсон 11)
23. Северна Ирска 38,10 (Џони Еванс и Стивен Дејвис по 6)
24. Унгарија 27,30 (Балаж 6,25)

7 јуни 2016 - 17:56