Шпанците не знаат за пораз

Фудбалската репрезентација на Шпанија во вторникот го одигра јубилејниот 100. натпревар во квалификации за Светско првенство каде немаат пораз на 46 натпревари во последните 19 години, а на домашен терен сè уште се непоразени.

На 11 март 1934-та година Шпанија ја победи Португалија со 9:0 на нивниот прв натпревар во квалификации за Светско првенство. Во вторникот со голот на Солдадо во 86-та минута Шпанија славеше на гостувањето кај Грузија на нивниот јубилеен 100-ти натпревар во квалификации за Светско првенство.

Со оваа победа Шпанците ја продолжија победничката серија од 23 квалификациски натпревари (претходниот рекорд го држеше Чешка со 15 победи), но овие бројки се поимпресивни ако во предвид се земат само квалификациските натпревари за Светските првенства.

Ако Шпанија се квалификува за мундијалот во Бразил, тоа за нив ќе биде десетто Светско првенство во серија. До мундијалите тие се пласираат со импресивна серија од 46 натпревари без пораз. Последниот пораз го забележаа на 31 март 1993-та година кога Данска славеше со 1:0, а од тогаш победија на 36 и ремизираа на 10 натпревари.

Моменталната серија на Франција и Холандија е 23 натпревари без пораз, Италија има 18, а Германија 13.

Од 100-те одиграни натпревари во квалификациите за Светските првенства, 49 од нив ги одиграле на домашен терен каде Шпанија не знае за пораз (42 победи и само 7 нерешени). Од цел свет само уште две репрезентации се непоразени на домашен терен во квалификации за Светско првенство. Тоа се Бразил со 46 и Италија со 44 одиграни натпревари.

13 септември 2012 - 12:32