Шамани, магии, гатачи, суеверија - Купот на Африка во својот полн сјај

Силното суеверие и натаму е многу присутно во Африка, па така ниту најголемиот спортски настан на овој континент, Африканскиот Куп на нации не е имун по ова прашање.

Најголема сензација по групната фаза на Купот на Африка е испаѓањето на Алжир, актуелен шампион во овој турнир и репрезентација која имаше неверојатна серија од 35 меча без пораз и беше напрагот да ја стигне рекордната низа на Италија.

Алжирците испаднаа во прилично лесна група, со Сиера Леоне, Екваторијална Гвинеја и Брегот на Слонова Коска.

Притоа Алжир постигна само 1 гол од 46 шута кон противничките голмани (повеќе удари на турнирот во моментов има само Нигерија која постигна 6 гола). Најголемата ѕвезда на турнирот, Ријад Марез промаши пенал откако силно ја погоди пречката.

Пред последниот меч во групата, Фудбалската федерација на Алжир ги отфрлила празните тврдења на некои тамошни медиуми дека на тимот му е направена магија.

Но самата селекција не верува во целост на тоа. Од таа причина еден член на стручниот штаб и помошник на селектор на Алжир пред мечот одел околу теренот и по линиите истурал вода. Зошто?

Во репрезентацијата на Алжир не зборувале многу на темата, но луѓето околу селекцијата сметаат дека е потребен сериозен пристап кон магиите кои другите репрезентации наводно ги прават.

Како што пишува Валид Зиани, познат соработник на BBC, ESPN и Al Jazeera (Зиани има преку 22.000 следбеници на социјалните мрежи), пред ноемврискиот меч со Буркина Фасо во рамките на квалификациите за Светско првенство 2022, Алжирците ги обвиниле ривалите за разни „вештерства“.

Поради тоа дури и викнале егзорсцит, за да „го исчисти“ стадионот. Мечот завршил 2-2 откако Буркина Фасо во 84' минута израмнила од пенал.

ШАМАНИ, ГАТАЊА, МАГИИ - ПРИСУТНИ НА СЕКОЈ КУП НА АФРИКА

Африка одамна е позната како идеално тло за разни шамани. Уште во 2002-ра година организаторите на Купот на Африка во Мали изјавиле:

„Не сакаме да видиме ниту еден шаман на терен ниту некакви канибали на трибините“.

Но тоа не им помогнало - во магија веруваат и играчите и тренерите и навивачите.

Во финалето на Купот на Африка во 1992-ра Брегот на Слонова Коска на пенали ја победи ѕвездената Гана тогаш со врвните Абеди Пеле и Тони Јебоа.

Тогаш шамани од Брег на Слонова Коска рекле дека тие направиле магија благодарение на која фудбалерите станале шампиони. Тогаш дури и односите меѓу овие шамани и властите омеканл па наводно и министерот за спорт на БСК ги повикал во неговиот кабинет.

Во 2000-та година се случи еден од најголемите скандали на најголемиот фудбалски настан на Црниот континент.

Официјално лице од делегацијата на Нигерија излегло до теренот и тргнал некаков предмет од голот на репрезентацијата на Сенегал. Тоа се случило на 15 минути до крајот при резултат 1:0 за Сенегал. Нигерија до крајот постигнала два гола преку легендарниот Џулиус Агахова кој победничките погодоци ги дал во 85' и 92' минута.

На еден полуфинален натпревар меѓу Камерун и Мали (3:0) после последната судиска свирка, полицајци го уапсиле селекторот на Камерун Винфрид Шефер и неговиот помошник Томас Нконо зошто наводно донеле шаман на теренот.

Шефер е прочуен германски тренер кој се правдал дека со разни методи ја враќал вербата кај фудбалерите. Камерун во финалето го совладал Сенегал со 3:2 на пенали (Сенегалците промашиле три пенали по ред), па во Африка верувале дека ова е дело на разни „вештерства“.

Поранешниот селектор на Гана, Гојко Стевановиќ се осврнал на магијата по неуспехот на Купот на Африка на неговата репрезентација во 2012-та година.

Играчите наводно пробале да се засенат еден со друг со помош на разни гатања.

Во 2015-та година пред финалето на Купот на Африка, најдобриот фудбалер на Гана Андре Ајо испрскал бела материја од шише на теренот како некаков магичен ритуал.

Но тоа не му помогнало зошто изгубија од Брегот на Слонова Коска. 

ВО 2021-ВА НА КУПОТ НА АФРИКА НАШЛЕ МРТОВ ЛИЛЈАК НА ТЕРЕНОТ

Здравко Логарушиќ (луѓе од ова поднебје со децении се тренери во африканските селекции) ги обвинил камерунските домаќини на турнирот за црна магија. Пред првиот меч на неговата селекција Зимбабве против домаќинот тој на терен нашол мртов лилјак и тоа баш на средина на теренот.

„Ако зборуваме сериозно, вакви работи не смеат да се случуваат во професионалниот спор. Но ние не испративме никаква жалба: едноставно продолживме да се спремаме за мечо. Не ме зачуди тоа (со лилјакот) зошто одамна работам во Африка и сум видел секакви примери на гатарства во разни земји“, рекол Здравко Логарушиќ.

Познатиот центарфор на Нигерија, Питер Одемвинге еднаш раскажал дека многу играчи од Нигерија, Камерун и Гана повеќе веруваат на магија отколку на регуларна медицина.

„Во магија веруваат сигурно околу 70% од играчите. Тие се сигурни дека некаква волшебна маст ќе ги спаси и опорави. Но тоа е само сугестивно - нив мозокот им е испран уште од детството“, рекол некогашниот шпиц на Арсенал и Локомотив Москва.

Некој шаман-лекар од Мали, Адама Доре во 2002-ра година за The Guardian рекол дека забраната за шаманство од страна на Африканската фудбалска конфедерација е неправедна. „Тоа е како да прекорувате играчи католици за тоа што се крстат. Магијата ќе ве направи посилни само ако верувате во неа“, рекол шаманот од Мали.

22 јануари 2022 - 17:33