Шаќири близок со Имамот што регрутирал терористи?

Фудбалерот на Интер и швајцарски репрезентативец, Ѓердан Шаќири морал да даде објаснување за фотографијата на која се поздравува со уапсениот приштински Имам кој регрутирал терористи.

За време на својот одмор на Косово, офанзивецот на Интер се сретнал и се поздравил со Имамот на Приштина, Шефкет Красничи кој во септември минатата година беше уапсен за ширење на меѓународен тероризам и верска омраза. 

Навивачите на Интер и швајцарската јавност се запрашале што прави Шаќири со човек обвинет за меѓународен тероризам, пишува швајцарскиот 20 минути.цх.
„Не го познавам човекот, се претстави како секој навивач и побара да се сликаме. Како и овде (во Италија), така и на Косово често ми приоѓаат луѓе и јас прифаќам да се сликам. Некултурно е да одбијам. Не знаев дека бил поврзан со меѓународен тероризам, ние Шаќири сме посветени муслимани но секој што е поврзан со тероризам треба да биде подалеку од нас. Се оградувам од секој што ја користи мојата популарност за лични работи“, изјави во своја одбрана Шаќири.

Инаку приштинскиот имам Шефкет Красничи е на црната листа на меѓународната полиција, а во минатото бил и на листа на ветераните на ОВК. Апсен е неколку пати, последен пат во 2014. година затоа што регрутирал џихадисти на Косово за Сирија.
 
Пред неговото апсење, Красничи бил испрашуван и во Швајцарија каде присуствувал на собирот организиран од Централниот совет на Исламот во Швајцарија. По апсењето, истата организација се оградила од него затоа што бил дел „од луѓето кои имаат испран мозок и немаат ништо со Исламот“.
 
Ѓердан Шаќири играше во Базел од каде замина во Баерн Минхен. Од 2015. година е член на Интер. За швајцарската репрезентација има 46 настапи и 17 голови.

30 јуни 2015 - 22:52