Селекторот Милевски: „Ги победивме Италијанците на италијански начин“

Со маестрална, храбра, крвава борба, македонските фудбалери оддолеа 92 минути на стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо и во последен момент му зададоа нокаут на европскиот првак. Еврогол на Трајковски кој го шокираше светскиот фудбал.

Без неколку стандардни првотимци, македонските фудбалери направија првокласна сензација. Победа над Италија пред преполн стадион во Палермо.

Нова епска сензација на Македонија, четирикратниот светски првак е на колена

Македонија сега во вторник игра против уште еден гигант, Португалија. Но после чудото во Италија, никој не размислува на тоа што следува. Селекторот Благоја Милевски на прес-конференцијата после мечот изјави:

„Горд сум на овие момци. Многу сум среќен, горд. Ја победивме Италија на италијански начин. Еден гол од два шута!“

„Не беше во план да играме вака и да упатиме само два удари кон голот. Но игравме против актуелниот европски првак и да се победи ваква селекција не е мала работа. Италија во моментов е најдобра европска репрезентација.

Оваа Македонија не се ориентира само на одбрана но ривалот беше пеколен. Драго ми е што Трајковски имаше одлична партија во својот дом и ја круниса со гол.

Ние не застануваме тука, ни следи последниот чекор пред пласман на Светско првенство. Драго ми е кога се смета за неуспех кога играме нерешено против Ерменија, Романија и Исланд. На добар пат сме да потврдиме зошто сме меѓу најдобрите дваесет репрезентации во Европа“.

Македонската репрезентација утре околу 18:30 часот би требало да стигне во Скопје, а веќе во недела полетува за Порто, на мегдан кај уште еден гигант.

Последните 2 минути и судискиот свиреж за делириум на Ренцо Барбера

24 март 2022 - 23:42