Со смената на раководството на ФФМ, добивме и нов селектор, а како официјална причина за раскинувањето на договорот со Џон Тошак беше наведено не наоѓањето на заеднички јазик околу неговиот престој во Македонија. Челниците на ФФМ побарале тој да поминува подолго време во нашата земја, но Велшанецот не го прифатил овој услов.
Желбата на Тошак беше да доаѓа во Македонија на три дена пред натпревар, а најверојатно доколку му се укажеше шанса тој воопшто и немаше да доаѓа и тренинзите и натпреварите ќе ги водеше преку интернет.
Баш таква шанса му се укажа на селекторот на репрезентацијата на Гвајана. Челниците на федерацијата на оваа земја биле свесни дека немаат шанси во квалификациите за Светското првенство и ги продале правата за своите натпревари, па така тие беа домаќини на Мексико на стадионот во Хјустон, САД.
Заради се уште непознати причини, а официјално наведено како „лични причини", селекторот Џамал Шабаз не бил во можност да патува во САД. Сепак тоа не претставувало проблем за фудбалерите затоа што тој бил во постојан контакт со нив преку Скајп.
Но најверојатно му сецкал интернетот на селекторот, па Гвајана загуби од Мексико со 0:5.