Генијот полни 60 години. Дејан Савичевиќ, познат како Дејо, живее во Подгорица (поранешен Титоград), главниот град на Црна Гора. Оженет, па разведен во 2000 година од Вања Брајовиќ. Има две деца, Владимир и Тамара, како и четири внуци: Владана, Дејан, Александра и Јован. Има и нова партнерка, Јелена Бабиќ. Беше еден од најголемите фудбалери во историјата на Црна Гора и повеќе од 20 години е претседател на Фудбалската федерација. Реизбран е седум пати и ова му е последниот мандат кој завршува во 2029 година, пишува Газета делo спорт.
Почитуван претседателе, дојдовте до 60 години. Како е?
Многу добро. Во Будва сум, во мојата куќа покрај море, се шетам со брод, но секогаш имам многу обврски. Волонтерска ми е работата како претседател, не земам ниту едно евро. Работа има и за среќа сè уште се забавувам.
Некогаш се забавувавте на теренот. Дриблинзи, потези, голови…
Имам убави спомени, а имав и среќа. Играв на важни места, освоив два пати ЛШ, со Црвена Ѕвезда и Милан.

Во Милан станавте Генијот…
Ма не, не бев гениј, само бев одличен играч. Вие од Газета ме нарековте така. Можеби затоа што правев работи кои другите не можеа да ги направат, можеби затоа што имав повеќе фантазија.
Но ти се допаѓа да те нарекуваат Генијот?
Да, симпатично е, а и по малку ме тера на смеа. Пријателите и клупските соиграчи, кога сакаат да ме зезаат, ме нарекуваат „Генијот“. Во Италија сите ме нарекуваат така, но е претерано.
Претерано како голот против Барселона во 1994 година?
Најубавиот гол во мојот живот. Претседателот Берлускони, вечерта пред финалето, ми рече: „Дејан, ако си гениј, покажи го тоа“. Добро ми одеше. Сè беше убаво таа ноќ.

Вашите почетоци…
Започнав во Подгорица. Татко ми беше шеф на железница, управуваше со 900 луѓе.
Но не можеше да го убеди својот син Дејо да го слуша повеќе. Така ли беше?
Живеевме во куќа зад станицата. Брат ми Горан сакаше да биде машиновозач. Подоцна стана агент за недвижнини. Јас бегав меѓу шините и одев да играм на терен полн со камења. Таму научив да жонглирам. Бев млад бандит, имав иднина како криминалец. За среќа, станав фудбалер, на 13 години почнав во ОФК Титоград.
Првиот тим во срцето…
Останав таму две години. Играв од ќеиф. Имаше малку пари, но никогаш не сум се чувствувал толку слободен. Потоа отидов во Будуќност, што на српски значи „Иднина“.

Дебитираше во прва лига на 16 години. Весниците пишуваа: феномен, има магични нозе. Претерано било тоа?
Малку. Не постигнував многу голови, повеќе ми се допаѓаа асистенциите. Со Будуќност стигнав во репрезентацијата. Имав 20 години, ја победивме Турција 4-0 и јас го постигнав третиот гол. Во 1988 година отидов во Црвена Ѕвезда кој беше првак на Југославија.
И веднаш стана број 1 и ѕвезда на Црвена Ѕвезда…
Ма не, бев само играч на многу голем тим. Имаше многу шампиони, ме правеа да се чувствувам добро. Ме сакаа, но и јас ги сакав сите мои тимови, Будуќност, Црвена Ѕвезда, Милан и Рапид Виена. Пред сè Црвена Ѕвезда, кој останува мој прв тим на срцето.
А Милан?
Секогаш е во моето срце. Стигнав во 1992 година, требаше да одам во Јуве, потоа во Рома, па во Монако. Јас бев во Црвена Ѕвезда и се чувствував добро. Го освоивме Купот на шампионите, откако го победивме Марсеј во Бари.

Тежок почеток со Милан…
Да, се мачев една и пол година. Беше тешко, имав некои физички проблеми, а напред играа Гулит, Ван Бастен, Рајкард, Папен. Ја избрав Италија затоа што беше најубавата лига во светот и таму беа најдобрите играчи. Тоа беше добра одлука, во друг тим немаше да освојам толку многу и немаше да го добијам вниманието што ми го даде Милан. Навивачите беа прекрасни и имаат страст. Нивната поддршка беше најдобрата мотивација. Драго ми е што луѓето ме памета и по повеќе од 20 години. Има и такви кои ми велат дека бев како Платини. Убаво е.
Беше Платини од Балканот, Мишел беше твојот идол. Толку ли ти се допаѓаше?
Ми се допаѓаа шампионите. Пред сè Марадона, а пред него, Анте Мирочевиќ и Сафет Сушиќ. Фантастични. Марадона никогаш не сум го запознал лично, играв против него на Светското првенство 1990 година во Фиренца. Загубивме на пенали. Јас погодив, а Диего промаши. Иако во 1990 година бев прилично познат, споредено со Марадона не бев никој. Го гледав со восхит.
Бев вљубен и по Платини. Но никогаш не сме правеле муабет. Еднаш во Белград играв против Франција. Влегов во игра кога не водеа 2-1. Направив две додавања и победивме 3-2. На крајот излеговме заедно и сакав да му пријдам, да се претставам, само да му кажам: „Здраво Мишел, јас сум Савичевиќ“. Но не знаев француски, зборував само словенски. И така продолжив по патот без да му кажам ниту еден збор. Ех, убави спомени…

На што ти потсетува овој Милан?
Мојот Милан беше еден друг Милан. Стигнувавме секогаш до финале на ЛШ. Малку гледав од овој, само по нешто на тв. Нов е и свеж. И тренерот е нов. Против Лацио имаше убава реакција. Треба да ги почекаме со трпение, да ги прифатиме и грешките, бидејќи тие се составен дел од фудбалот. Знам, нема време, но квалитетот треба да излезе на површина, ќе го постигне нивото на другите тимови. Интер, за жал, ми изгледа дека е понапред. Но сезоната е долга и комплицирана за сите. Да почекаме. Јас чекав година и пол…