Додуше немаше ниту да се сетиме ако не ни пишеше другарот Јумбо кој во тоа време беше уредник на Офсајд и контактираше со истиов лик од насловот, за кој сега ќе ви раскажеме и ќе ве потсетиме што беше муабетот.
Саша Дуеркоп е генерален секретар на КОНИФА со кој во саботата направивме интервју по повод Светското фудбалско првенство за непризнаени држави, кое на пролет ќе се одржи во Скопје. Бидејќи немаше детално инфо од внатре, побаравме од надвор, поточно од него кој фино лепо ни објасни што и како ќе биде тој голем настан кај нас.
16 селекции во мај догодина доаѓаат во Скопје и ќе бидат сместени во хотел Континентал, а натпреварите ќе се играат на Градски. Целиот трошок околу организацијата вели дека ќе биде на нивен грб. Саша изненади кога ни кажа дека ја следел нашата репрезентација, а од близу од Келн го гледа Дарко Чурлинов. Клик тука за најновото интервју со него.
Но она што не натера да ја напишеме оваа статија е да потсетиме што и како се нашол Германецот кај нас на сајт во јануари 2014-та.
Тој меѓу другото е и голем колекционер на дресови од репрезентации, кој тогаш имаше преку 200. Но заглавил со наоѓање од неколку земји меѓу кои и Македонија. Пуштил мејлови во ФФМ и германската амбасада во Скопје, ама брада, а жими срамови било кога наш репрезентативец кој во тоа време играше во Германија, му побарал за дрес 250 евра.
Офсајд тогаш апелираше да му се помогне на фанатиков за фудбал со кој делиме иста пасија, а прв се јави Злате од ФФМ кој ни кажа дека од федерација имаат желба да му подарат дрес од македонска репрезентација на Саша.
Тој има пракса да објавува фотки од секој дрес со куса приказна како го добил, па така на неговиот блог ја раскажа и оваа сторија.
Клик тука за тогашното интервју со Саша, како и реакцијата на ФФМ со помош на која му ги скративме маките на човекот.
Се гледаме догодина во Скопје :).