Поминаа две децении откако Дарко Панчев стана првиот Македонец кој настапил во Серија А, но без разлика на впечатокот кој го остави на чизмата, најдобриот македонски фудбалер на векот не е заборавено име во италијанските медиуми.
Поводот е тоа што се појави негов имењак од Црна Гора, кој е на мета на големи клубови и кој можно е да потпише за Интер, но веста на Италијанците не е сувопарна, туку тие се навраќаат на еден претходен Дарко кој не се прослави на „Џузепе Меаца".
„Дарко е име кое буди лоши спомени кај навивачите на Интер кои и по 20 години не го заборавија Панчев. Дојде како шампион на Европа и Светот и како освојувач на Златната копачка, но македонскиот напаѓач со прекар Кобра стана„Бидоне" (најлош играч во сезоната). За разлика од него Милан истата година го донесе генијот Савичевиќ кој пристигна од екипата од Белград", стои во веста на „calciomercato".
Италијанците во тој контекст потсетуваат дека неговиот сонародник Пандев стигна до тројната круна во Интер предводен од Мурињо. Потоа го опишуваат талентираниот напаѓач Дарко Зориќ кој на 20 години беше прогласен за најдобар фудбалер во црногорското првенство, признание кое го освојуваа Мирко Вучиниќ и Стефан Јоветиќ.