Фудбалерите на Манчестер Сити во саботата одиграа само 1:1 на гостувањето кај секогаш незгодната екипа на Стоук, а Јунајтед тоа добро го искористи и се доближи до титулата со победата над Фулам.
Актуелниот шампион на Англија сега има три поени предност во однос на Манчестер Сити, но и полесен распоред до крајот на сезоната.
На првиот меѓусебен дуел оваа сезона, Јунајтед победи на гостувањето кај Фулам со високи 0:5, но денес тие се намачија.
Решавачкиот момент на натпреварот се случи во 42-та минута кога по нафрлувањето од Ешли Јанг, Рисе направи грешка и му ја препушти топката на Џони Еванс кој го проигра Вејн Руни. Најдобриот стрелец на Јунајтед не ја пропушти оваа шанса и го постигна својот 21 гол оваа сезона.
Во продолжението немаше многу возбудувања, се до самиот финиш кога Фулам се обиде да стигне до бод, а лондончаните во една од последните акции се обидоа да заработат и пенал, но судијата со спорна одлука процени дека Карик не го соборил Марфи.