Луда работа во Јужна Америка: Играч бранеше цел меч за Ривер во историски триумф

Во групната фаза на Копа Либертадорес, Ривер Плејт го совлада колумбиски Санта Фе со 2:1 и покрај тоа што на голот од старт до крај им седеше фудбалер од среден ред.

Поради експанзија на коронавирусот во Јужна Америка екипата на Ривер била погодена сериозно па дури 20 фудбалери од прв тим биле позитивни меѓу кои и сите тројца регистрирани голмани.

Во тимот останале 11 играчи но ниту еден голман, па ракавици облекол 35-годишниот Енцо Перез кого го памтиме по игрите за Бенфика, Валенсија и репрезентацијата на Аргентина со која играше и финале на Светско првенство 2014.

И покрај тоа што Перез е висок само 177см и што никогаш во кариерата не застанал на гол, успеа јуначки да ја чува мрежата на домаќинот. со 4 од 5 одбранети шутеви.

Ривер лесно, уште после само 6 минути игра имаше огромни 2-0 по головите на Анхилиери и Алварез.

До крајот гостите од Колумбија намалија на 2-1 преку Осорио во 73' минута, но просто е неверојатно како Санта Фе не успеа да освои макар бод на овој меч на кој домаќинот играше без ниту една резерва, со само 11 играчи во поле и со фудбалер од среден ред на голот.

За тоа колку била луда оваа одлука играч да брани така важен меч, зборуваше и тренерот на Ривер, Марсело Гаљардо:

„Досега не бев свесен какво место зазема овој натпревар во мојата тренерска кариера и во историјата на Ривер. Таква ситуација уште немало во мојата кариера. Многу луѓе поверуваа во нас и тоа ја убеди екипата дека заедно можеме да ја достигнеме целта иако ќе биде многу тешко.

Енцо застана на гол зошто имаше мала повреда и не можеше нормално да игра во поле. Зборувавме со него и тој беше сигурен во себе но целата одговорност за таа одлука јас ја земав на себе. Перез со голема страст одигра на новата улога. Други кандидати дури и не разгледувавме“.

 

20 мај 2021 - 08:53