Ако некој може да раскаже што значи мундијалска убавина и доживување, тоа сигурно е Мијалче Дургутов, спортски новинар познат од Нова Македонија и првиот македонски спортски магазин, култниот СКОК.
Дургутов е поранешнен фудбалер на Брегалница Штип, Три Чешми, Астибо, Плачковица и Кежовица, кој по завршувањето на кариерата во 1988-ма почнува да се занимава со спортско новинарство и денес станува рекордер во Македонија кој има известувано од дури 9 Мундијали.
Неговиот пат на Светските првенства стартува во Италија 1990, па продолжува во САД 1994, Франција 1998, Јапонија и Јужна Кореја 2002, Германија 2006, Јужна Африка 2010, Бразил 2014, Русија 2018, па се до Катар 2022.
„По враќањето од СП во САД 1994 година каде што Бугарија беше големо изнандување, уште во авионот Стоичков ми го даде првото интервју и уште тогаш ми најави дека таа година ќе ја добие наградата за најдобар фудбалер“, вели Дургутов за sbs.com.au.
На Мундијалот во Франција 1998 година се дружел со легендите на хрватската репрезентација кои стигнаа до третото место, а имал привилегија да разговара и со славни имиња како Фабио Капело, Франц Бекенбауер, Мишел Платини, Сер Бoби Чарлтон, Габриел Батистута...
Можете да го следите на Фејсбук страната на СКОК