Ситуацијата со повредите во кралскиот клуб е доста хаотична во и онака деликатниот момент во кој се наоѓа, особено во дефанзивната линија каде ќе биде многу тенка работата.
Откако се повреди на Ел Класико, Марсело ќе биде отсутен четири недели, Варан и Карвахал по две, Мариано ќе го нема 10 дена, а Валехо минимум две недели. Тоа значи дека Сантијаго Солари кој ќе биде привремено решение на клупата, ќе има на располагање само четири одбранбени играчи.
Колку и да му служеа повредите на Лопетеги како изговор после поразот од Барселона, сепак тоа е факт кој сигурно му го рушеше концептот во играта.
За само три месеци во Реал Мадрид има 14 повреди кај 9 играчи. Бројка со која е за очекување да се плати цехот на терен.
Покрај стандардните Марсело, Варан и Карвахал, во Реал сезонава се повредуваа и Бејл, Бензема и Иско кои се важни столбови во тимот..
Кралевите имаа проблеми на оваа тема и минатата сезона во која имаше точно 37 повреди.
Она што може да се рече дека им оди во прилог е распоредот во кој нема некој опасен противник барем на следните пет меча против Мелила (куп), Ваљадолид, Викторија Плзен (ЛШ), Селта и Еибар.