Реал Мадрид на својот официјален сајт соопшти дека Бензема веќе не е играч на клубот и му изрази огромна благодарност на освојувачот на Златна топка од 2022 кој веќе нема да биде дел од тимот.
Со 353 постигнати гола Карим Бензема е втор најдобар стрелец во историјата на Реал Мадрид. Повеќе погодоци од него има само Кристијано Роналдо кој постигна 450.
Сезонава Карим даде 30 гола на 42 натпревари во сите турнири.
„Реал постигна договор со својот капитен Карим Бензема според кој завршува неговиот брилијантен и незаборавен период во клубот, за време на кој стана една од нашите најголеми легенди. Неговата кариера во нашиот клуб беше пример на сјаен однос и професионалност и ги претставуваше најдобрите вредности на нашиот клуб. Мадрид засекогаш ќе биде негов дом, но тој заработи право сам да решава за својата иднина“, стои во соопштението кое дојде помалку изненадувачки иако имаше најави претходните денови дека Бензема заминува.
Реал планира за во вторник официјално простување од Бензема на „Сантијаго Бернабеу“, а Карим наводно кариерата ќе ја продолжи во Ал Итихад од Саудиска Арабија каде би требал да заработи 200 милиони евра за две години.
Во последно време често се споменуваше негов богат трансфер во Саудиска Арабија.
35-годишниот Французин со алжирско потекло беше играч на Реал Мадрид од 2009-та година кога во главниот град на Шпанија дојде од Лион за кого играше од 2004-та.
За Франција Бензема играше во два мандати од 2007 до 2022 и на 97 настапи постигна 37 гола.
Со Реал освои дури 24 трофеи од кои: пет пехари во Лига на шампиони, четири шампионски титули во Ла Лига, три Кралски Купа, три Суперкупа на Шпанија. Со Лион дури четири пати стана шампион на Франција.