Расен стрелец за кој никогаш не сте слушнале

Холандскиот напаѓач, пред Божиќ беше спремен да си замине од Волфсбург затоа што не го играа, но статусот му се смени преку ноќ и даде 13 голови на осум настапи во 2015-та. Најзаслужен е што Волфсбург е близу до пласман во Лигата на шампионите следната сезона.

Не е лесно да го сакате Волфсбург. Тој е еден од двата германски клуба кој е официјално ослободен од правилото 50+1 во Бундеслигата, според кое навивачите мора да имаат 51% од акциите во клубот. Вториот ослободен клуб од правилово е Ајнтрахт Франкфурт.
 
Од друга страна, лесно е да го сакате Бас Дост. За почеток, неговото име и презиме звучат како мешавина од името на некој фронтмен на инди музика и познат криминален лик. Бас Дост. Потоа се неговите голови. Тринаесет на дванаесет настапи сезонава. Тринаесет голови на последните осум натпревари во 2015-та. Два против Бремен минатиот викенд, четири против Леверкузен минатиот месец. Човекот не застанува.
 
Заедничко за сите 13 голови на Дост во Бундеслигата е што се постигнати од прва, во стилот на некогашните напаѓачи од старата школа. 

Најсимпатично во приказната за Бас Дост е неговата ненадејна реинкарнација. Холанѓанецот две години е во Волсфбург, а својот талент го покажа само неколку пати и најчесто седеше на клупата за резерни играчи. Не му помогнаа ниту постојаните повреди и на него се гледаше како разочарување.
 
Кариерата му се смени неколку дена пред католичкиот Божиќ. Во тој период Хамбургер прати понуда за Дост, но Волсфбург ја одби, иако центарфорот сакаше да замине за повеќе да игра. Наместо Дост, Хамбург го пазареше Ивица Олиќ, така што 25-годишниот Дост доби совршена прилика да покаже што знае. За среќата по Бас Дост да биде поголема, главен конкурент му беше Никлас Бендтнер.
„Имаше моменти кога мислев дека никогаш нема да тргне на подобро. Сепак тргна“, изјави Дост за Кикер минатиот месец.

Од Божиќ досега постигна 13 голови и е најсериозен кандидат за титулата најдобар стрелец, заедно со Арјен Робен и Алекс Мајер.
 
Волфсбург има долга историја на фудбалери што созреваа на постари години. Един Џеко имаше 24 години кога замина во Манчестер Сити, а Марио Манџукиќ на 26 отиде во Баерн Минхен. И двајцата станаа ѕвезди само некоја година претходно. Но има нешто по што Бас Дост е единствен.
 
Манџукиќ и Џеко веднаш станаа носители на играта на Волсфбург, а Дост мораше да се избори и измачи за својот статус.
 
Покрај головите, Дост имаше среќа и што клубот во јануари го ангажираше Андре Ширле (втор најскап трансфер во Германија) и Кевин Де Брујне претходно од Челси. Двајцата се офанзивни играчи, кои му местат голови на Баст Дост. Холандскиот центарфор вели дека уште не размислува за евентуален повик во репрезентацијата на Холандија, но Волфсбург веќе е на добар пат да обезбеди учество во ЛШ, а со тоа и Дoст ќе има шанса да се докажува уште повеќе.
 

Дост е најзаслужен и што Волфсбург игра во 1/8 финалето на Лига Европа, каде за противник ќе го има Интер. Договорот со клубот му истекува во 2017. година и тешко е да се верува дека Волсфбург ќе го пушти да си замине лесно, особено сега кога станува најдобар шпиц во германската лига. Кога веќе не го пуштија кога не играше, зошто би го пуштиле сега?
 
Лична карта: Бас Дост
Роден: На 31. мај 1989 во Девентер (Холандија)
Позиција: Напаѓач
Број на дрес: 12
Клупска кариера: Емен, Хераклес, Херенвен, Волфсбург.
Репрезентација: Холандија У20, У21
4 март 2015 - 15:54