Еднаш објавивме видео од ова дете, инаку член на Лион У-19 со потег боли глава. Па ајде тоа да го наречеме најава за тоа што доаѓа од Франција. Само година подоцна има ново видео за издвојување, ама ептен опасно.
Се работи за Рајан Черки кој повеќе од очигледно дека не е како сите талентирани деца, туку е нешто посебно. Лани на 15 години своите врсници ги правеше мајмуни, а на само 16 веќе добива шанса во сениорска конкуренција, а и таму е немилосрден.
Нант викендов го пречека Лион кој на гости им дојде токму со детево кое не знаеме како да го испофалиме. Лион си замина дома со победа од 3:4, а Черки замислете учествуваше во сите 4 гола. Првите два ги даде во 2-ра и 9-та минута за предност од 0:2, на другите два асистираше, а изнуди и пенал кој Дембеле не успеа да го реализира.
Инаку Руди Гарсија му ја даде деби шанса во прв тим против Дижон во првенство пред околу три месеци, а потоа го пушти и во ЛШ против Зенит.
„Знаеме дека тоа момче има капацитет да одлучи натпревар. Секако дека тоа ме радува. Она што ме воодушеви беше неговата севкупна игра и како соработуваше со своите играчи, потоа интелигенцијата во неговите одлуки, како и дефанзивните спринтови. Ако продолжи така, тој ќе може да напредува“, изјави стратегот на Лион после триумфот против Нант.
Тој се обидува и да ја намали прашината околу големиот талент кој веќе го споредуваат со докажани играчи, како Бен Арфа и Бензема кои исто така потекнуваат од академијата на Лион.
„Мојата улога е исто така да внимавам околу пофалбите затоа што ќе го фалат до небо, а тој има само 16 години. Ќе биде во голема опасност ако престане да ме слуша, ако не работи напорно и ако мисли дека веќе завршил работа. Сепак го чека уште долг пат“.
Е сега погледнете ги прво овие ултра брзи потези против тројца од кои едниот на земја го легна. Страшно.
И хајлајтс