Работникот од фабриката за цвекло стана херој на Англија

Човекот кој до пред неколку години играл за нисколигаши и работел во фабрика за производство на цвекло, на 31 година имаше деби од соништата за репрезентацијата на Англија и го постигна победничкиот гол против стариот непријател Шкотска.

Ако за некој натпревар може да се каже дека е повеќе од игра, тогаш тоа е островското дерби помеѓу репрезентациите на Англија и Шкотска. Ривалството трае повеќе векови и надвор од терените, па победа на овој натпревар е желба на секој навивач, а гол постигнат против лутиот ривал е сон за секој фудбалер.

Сонот стана јаве за еден дебитант во англиската репрезентација и тоа на 31 година.

Рики Ламберт е роден во Ливерпул, но не успеал да се наметне во младинската школа на истоимениот клуб, а подоцна како тинејџер бил отпуштен и од Блекпул.

Тоа бил тежок период за 19-годишниот Ламберт кој останал без клуб и морал да најде некоја друга работа. Така тој се вработил во фабрика за конзервирање на цвекло и четири месеци ги затворал капачињата на теглите.

Но Рики не се откажал од фудбалот и слободното време пред и по работата во фабрика го користел за индивидуални тренинзи и им се нудел на локалните нисколигаши.

По неколку проби, тој добил понуда од 50 фунти неделно од николигашот Маклсфилд Таун. Во следните осум години Ламберт почнал да ги полни мрежите на противниците носејќи ги дресовите на Стокпорт, Рочдејл и Бристол Роверс, а во 2009. година потпиша за Саутемптон.

Навивачите на тогаш третолигашот Саутемптон биле изненадени од трансферот на анонимецот вреден 1 милион фунти, но тој набргу стана нивен миленик.

По две сезони во третата лига, Саутемптон благодарение на головите на Ламберт во 2011. се искачија во англискиот Чемпионшип, а веќе следната година изборија пласман и во Премиер лигата.

Со 93 голови на 170 натпревари за екипата на Саутемптон или повеќе од 500 погодоци во неговата кариера, Рики Ламберт доби повик од селекторот Рој Хоџсон за пријателскиот натпревар против Шкотска. Истиот ден кога го добил повикот за дебито во репрезентацијата на Англија, Ламбер стана татко.

Навивачите повторно беа изненадени со името на Ламберт и го критикуваа селекторот за неговиот избор, но 31-годишниот дебитант уште еднаш докажа дека во неговата 15-годишна кариера бил потценет и дека ги заслужува почестите. Тој влезе во игра во 67. минута, а три минути подоцна го постигна и победничкиот гол при неговиот прв допир со топката.

15 август 2013 - 11:18