Кан не бил никогаш во друштво на големите гиганти и до сега нема освоено ниту една шампионска титула во домашното првенство, но со своето 113 годишно постоење се смета за важен клуб во францускиот фудбал. Најголемиот нивни успех е пехарот во Купот во далечната 1932 година.
Својата кариера во Кан ја започнаа Себастијан Фреј, Жоан Мику, Гаел Клиши, но најистакнатите фудбалери со светска кариера кои за прв топката ја шутирале во овој клуб се Патрик Виера и Зинедин Зидан. Поранешниот плејмејкер кој веќе има помагано во клубот изрази големо жалење за сегашната ситуација.
„Кан мене ми беше како семејство на 14, 15, 16 годишна возраст, но се уште ми е важен. Се надевам дека ќе се спаси и би сакал повторно да го видам на нивото како во минатото", изјави популарниот Зидан.
Екипата на Кан имаше одличен состав на почетокот на 90-тите кога покрај Зидан во составот го имаше и Жорж Веа со кои стигнаа до Купот на УЕФА. Потоа почна финансиски да пропаѓа, а во моментов се наоѓа во четвртата француска лига.
Најголемиот акционер во клубот Саид Факри ги предупредил играчите и останатите помали акционери дека доколку оваа сезона не успеат да се искачат еден ранг погоре, тој ќе се повлече.
„Постојано работевме на случајот за да пронајдеме купувач кој ќе го земе целосно под свои закрила клубот, но и покрај добрата волја на многу луѓе, не успеавме да го продадеме", изјави Факри.
И покрај тоа што се наоѓа на луксузна локација на Медитеранското крајбрежје во близина на Монако кој е под закрила на милијардери, за Кан не постои решение. На клубот му се потребни нешто повеќе од 1 милион евра, а тоа претставува ситнеж за моќниците од Русија и Катар кои владеат со фудбалот.
Првичниот краен рок за француската екипа беше денеска, но тие добија одобрение уште 6 дена за да пронајдат средства. Реал Овиедо во Шпанија минатата година беше во слична ситуација, но по драматичните протестина навивачите успеа да се спаси. Со иста надеж се и симпатизерите на клубот кој го однесоа Зинедин Зидан до славата.