Рестеретени од притисок дека бркаат некаков резултат за пласман во следната фаза, каде од претходно се знаеше дека ќе одат Зенит и Реал Сосиедад, фудбалерите на Вардар и Розенборг уште на стартот почнаа со отворен фудбал и шанси.
По само 4 минути игра, први се заканија гостите кои пропуштија чиста прилика за погодок. Водството им го расипа Итало кој интервенираше на едно метро од гол.
Истиот фудбалер во 9 минута од мечот го отвори резултатот на асистенција на Николов и ја израдува домашната публика, која го виде првиот гол на Вардар на Филип Втори во Лига Европа.
Вардар играше храбро, отворено и одлучно и притискаше со сите сили за да го зголеми водството, но Хансен бранеше одлично. Најзрелите две шанси се случија во 23 минута, кога гостинскиот голман им скроти две чисти шанси за гол, една по друга.
И Норвежаните имаа свои прилики кои не ги искористија, а голот за иразмнување го постигнаа преку пенал кој го изведе Бентднер во последните мигови од првиот дел.
Со овој примен гол број 20, Вардар го стигна црниот рекорд на Слован Братислава која сега не е единствената екипа во историјата на ова натпреварување со 20 примени голови.
Второто полувреме беше помалку содржајно, но Вардар според играта и шансите треба да жали што не стигна до деби победа во ова натпреварување. Во 75 минута цел стадион беше на нозе откако Новак бидеше со глава во долниот гол, но Хансен беше тежок за совладување.
Со овој нерешен резултат Вардар го избегна неславното друштво на четири екипи кои се единствени во историјата на ова натпреварување без освоен бод, а на клубот во каса му донесе 120.000 евра.