Селекторот Чедомир Јаневски уште пред почетокот на квалификацискиот циклус беше реален и ни најави дека не треба многу да се надеваме на пласман на Светското првенство, но сепак не смееме да се предадеме уште по три одиграни натпревари. Ако сакаме да го поправиме впечатокот од неколкуте претходни циклуси и да се пласираме во горниот дел од табелата, вечерва мора да ја победиме Србија.
Двете репрезентации претрпеа порази на домашен терен во претходното коло. Македонија загуби од Хрватска, а Србите доживеаја дебакл од Белгија, па така ранетите „лавови" ќе одат во лов на ранети „орли".
Во ситуација кога ќе ги немаме Пандев и Шиков, но и откако против Хрватска некои фудбалери потфрлија, селекторот Јаневски најавува неколку измени во составот. Се шпекулира дека составот на Македонија вечерва ќе биде: Пачовски, Георгиевски, Новески, Грнчаров, Лазевски, Шумуликоски, Демири, Тасевски, Ибраими, Хасани и Ивановски.
Против нас е и традицијата. До сега сме одиграле четири натпревари и само еднаш ремизиравме, а на останатите три дуели победи Србија.
5.9.1999 квалификации за ЕП: СР Југославија – Македонија 3:1
8.9.1999 квалификации за ЕП: Македонија – СР Југославија 2:4
23.2.2000 пријателски: Македонија – СР Југославија 1:2
6.2.2008 пријателски: Македонија – Србија 1:1
Натпреварот почнува во 20:30, а правдата ќе ја дели судијата Бас Нијхуис од Холандија.