На 9-ти мај продолжува Формуладеилдин, најдобрата фудбалска лига на Фарски Острови, земјата во која има повеќе овци отколку луѓе (80.000 на 50.000) и каде може да се стигне само со локална авионска компанија која може да се справи со непрестано силниот ветер.
Фудбалската топка ќе продолжи да се тркала и 10 клуба ќе се борат кој за титула, кој за опстанок.
ЌЕ СЕ ИГРА БЕЗ ПУБЛИКА
Властите во договор со фудбалската федерација на Фарски Острови одлучиле на почеток уште да не ги отвораат вратите на стадионите, меѓу кои и оној со 5.000 седишта во главниот град Торшавн.
СТРИКТНИ МЕРКИ
Секој клуб ќе мора да има на располагање повеќе соблекувални или импровизирани соблекувални. Протоколот е одобрен од медицинските власти, и тоа во исто време кога Белгија, Холандија и Шкотска не сакаат да слушнат за апелот на УЕФА да ја продолжат сезоната. Од Нион им се заканија дека ќе ги исклучат нивните клубови од еврокуповите ако решат пред време да ги прекинат првенствата (Белгијците веќе ставија клуч на сезоната).
КАКВА Е СИТУАЦИЈАТА НА ФАРСКИ ОСТРОВИ?
Во оваа убава земја досега имало 195 заразени лица од коронавирус и 0 смртни случаи. Населението се држи до мерките и препораките од епидемиолозите и властите.
Така и на фудбалерите ќе им биде забрането да плукаат или да го секнат носот, вообичаени „манири“ на секој фудбалски меч.
Секој играч ќе мора да има свое шишенце со вода и да не пие од друго а топката ќе биде дезинфикувана.
„Овде уште се следат многу препораки, но полека се враќаме во нормала. Од минатиот понеделник, 20 април ги отворија школите а сега и ние може да тренираме сите заедно“, за Мундо Депортиво вели шпанскиот бек Педро Таранкон (игра за АБ Аргир II и оженет е на Фарски Острови).
Реално, го правевме и минатите недели, но само во групи од пет играчи. Правилата на терен? Ќе се навикнеме, зошто здравјето е пред се, но играње фудбал секогаш е преубаво“.