Приказна за фудбалскиот пат на Ерлинг Халанд, новото чудо во Европа

Таман кога ќе помислите дека не е реално и на следниот меч да даде гол, невозможниот талент од Норвешка прави хет-трик и ве тера да размислите дали е реално ова што го прави. А до пред пар години бил толку слабичок и ситен што тренерите мислеле дека нема да успее.

Ерлинг Халанд одново ја стаписа фудбалска Европа и дополнително ја збогати неверојатната статистика откако дојде во Борусија Дортмунд пред нешто повеќе од еден месец. Тој најдобро го искористи новото правило на УЕФА, еден играч да може да настапи за два различни клуба во иста сезона во Лигата на шампиони (еден клуб може да регистрира 3 фудбалери кои веќе играле ЛШ сезоната).

Норвешкото чудо стана првиот играч во историјата кој дал 6 гола во првите 3 кола од ЛШ: За РБ Салцбург постигнуваше погодок на Енфилд против Ливерпул (3:4), па два гола против Наполи (2:3) па гол пак против Наполи (1:1) и против Генк (4:1). Сега дојде време да решета во жолто-црниот дрес на Борусија Дортмунд.

За Халанд знаевме и додека беше во Салцбург, слушавме по нешто и за некој талент од Молде, но малку кој знае за периодот на Ерлинг во неговиот прв клуб - Брине.

Таму тренирал до 16 години и ги научил најважните лекции.

ЖИВОТ И ПРЕСТОЈ ВО АНГЛИЈА

Ерлинг Халанд е роден во 2000-та година во англискиот град Лидс каде играше татко му Алф Инге Халанд, стопер кој речиси цела кариера ја помина во Англија. Халанд-стариот играше и во Манчестер Сити а после три години заврши со фудбалот и се вратил со семејството во Норвешка, поточно во градот Брине, каде растел и играл како млад додека не го викнале од Нотингем Форест.

Брине е мало, симпатично градче на југо-западот од Норвешка и има околу 12.000 жители. До ’80-те години на минатиот век таму имало производство на комбајни за сточна храна и багери зошто голем дел од населението се занимавало со земјдолество.

Градот Брине е познат во Скандинавија по скулпторот Фриц Руд, по романистот Арне Харборг и по фестивалот на танци The Ragnlerock. А овој град навива и за локалниот клуб кој од 2001 до 2003-та играл во елитната норвешка лига, па 12 години таворел во втора лига а сега веќе некое време е третолигаш.

ВО БРИНЕ СО ФУДБАЛ ПОЧНАЛ И БИСЕРОТ ЗА КОЈ ДЕНЕС ЗБОРУВА ЦЕЛА ЕВРОПА

Малиот русокос и симпатичен Ерлинг Халанг го запишале на фудбал на 6 години. Во тој период во градот се појавила и нова затворена сала каде децата можеле да играат во секој период од годината.

Тоа бил сериозен чекор напред затоа што зимите во Брине се многу студени, со температури од -3 степени Целзиусови па надолу, а на пролет и есен постојано има дождови.

Ерлинг се занимавал и со ракомет, еден од традиционално најгледаните спортови во Норвешка а неколку пати одел и на атлетика.

Веќе од 10 години сериозно се сконцентрирал само на фудбал. Уште тогаш било видно дека Халанд е најдобар меѓу своите врсници, но Брине имал филозофија да не ги двои адолесцентите во рана фаза.

Во групата деца која тренирала со Халанд имало 40 играчи. Сите работеле со топка, а тренерите не ги делеле по талент и не ги бришеле неталентираните како што е случај секаде во светот. Зошто?

„Во големите академии се зависи од талентот. Ние решивме да одиме по друг пат. Во таа група од 40 деца некои беа многу добри а некои не баш. Но сите тренираа заедно речиси 10 години“, вели Алф Инге Бернтсен, првиот тренер на Халанд.

„Сите работеа исто во исто време секој ден. Секако, на натпревари одеа тие што беа подобри, но принципот беше дека сите се еднакви. Тоа многу помагаше зошто послабите деца сериозно напредуваа, работеа понапорно со тренерите“, потврдува поранешниот соиграч од детството на Халанд, Торд Салте кој сега игра во норвешки Викинг.

До свои 16 години Ерлинг Халанд тренирало дури и едно девојче - Андреа Нордхајм која минатата сезона ја освоила женската фудбалска лига на Шведска со клубот Питео ИФ.

СКАНДИНАВСКА ДИСЦИПЛИНА, РЕД И ПОРЕДОК

Салте од Викинг раскажува дека методот на Брине многу ги зближил децата: „Сите бевме многу добри другари. Брат ми исто тренирал со младинците, но тогаш имало друг систем. Во неговата возрасна категорија тогаш играчите од прв тим биле дрски и не разговарале со дечките од втор тим. Просто се сметале за подобри и затоа тренирале одвоено“, вели Салте.

Од друга страна скоро сите 40 деца со кои тренирал Халанд се собирале во сала или на улица и без тренери играле слободно и со задоволство. Токму задоволството е клучен детал за кој раскажува и тренерот Бернтстен.

„Филозофијата на Брине е елементарна: децата треба да му се радуваат на фудбалот“.

И тогаш Ерлинг го викале во поголеми шведски фудбалски академии, но него му било многу убаво во Брине и не сакал да си оди. Тоа го направило многу трпелив и претпазлив. Така во 2019-та година кога Јувентус загризал да го купи од Салцбург, Норвежанецот разумно објаснил: „Помислив дека ми е многу рано да одам во Торино. Во Австрија можам да соберам искуство и да бидам корисен за екипата уште сега“, изјави тогаш Халанд.

За тоа колку му значи Брине говори и една изјава во интервјуто за клупскиот сајт на Салцбург, кога Ерлинг вели: „Ако не беше Брине, никаде немаше да се пробијам. Клупскиот систем ми помогна да не мислам дека јас сум посебен од другите“.

Таму со Халанд се случило и најважното. Тој денес е висок 1.94 но на 14-15 години бил еден од најниските во екипата. Видете ја фотографијата со другар му Торд Салте. Двајцата имаат по 14 години:

„Ерлинг секогаш беше добар, сите ги гледаа неговите квалитети, неговиот талент. Јас играв во среден ред и му делев топки: тој беше брз но и многу бистар - секогаш знаеше кога треба да запне напред. Но единствен проблем му беше растот. Беше многу малечок и ситен“, вели Салте за Sky Sports.

Во еден момент тренерите се плашеле дека Халанд нема да се извиши, но тој набрзо се извишил цели 20 сантиметри. За тоа најдобро сведочи дијалогот со новинар од норвешкиот Nettavisen:

-Годинава се извишил само 5 сантиметри, рекол Халанд
- „Само“?!, збунет бил новинарот.
- Па да, лани се извишив 11-12 сантиметри.

Неговиот соиграч од Брине, Солте раскажал и дека во летото 2016-та година отишол на позајмица во француски Лион а кога се вратил за Божиќ дома и го сретнал Халанд во ходникот на стадионот, застанал и викнал: „Што?!“

Ерлинг неверојатно се извишил, но и натаму бил слаб.

„Тренерите мораа да му ги менуваат тренинзите, зошто што повеќе растеш, пример по 1 см месечно, мора да се менува пристапот поради склоноста на повреди. Пример ние имавме 15 минутен тренинг со додавања, со пасови. Халанд можеше да тренира 5 минути и веќе да чека следна вежба и веќе да ја исполни до 40%. Растот некако благо го мачеше“, вели друг другар и соиграч на Халанд од Брине, Пол Фјелде за БиБиСи.

Проблемот со слабоста во килажа била можеби единствена негова слаба точка кога заминувал од Брине како изграден играч. Во 2017-та година Ерлинг Халанд преминал во Молде каде тренер беше Оле Гунар Солскјер.

Оле неодамна кажуваше дека му дал програма на Халанд според која требал да јаде по три порции ужина. Кога качил 10-12 килограми, тогаш тренерите го земале во теретана.

„Да, Ерлинг нагло качи тежина, но тоа беше мускулна маса. И стана посамоуверен. Многу беше важно физички да се изгради“.

Го завикале „Manchild“ (човек-дете). После Молде отиде во Салцбург и во австрискиот клуб бил подложен на уште помодерни методи за физички развој.

Неговите другари секогаш велат дека најдобра карактеристика на Ерлинг била што тој секогаш ги уважувал и почитувал сите тренери и сите клубови.

„Многу е трудољубив, не е мрзлив. Има одличен смисол за хумор, се шали надвор од терен, но сериозно се однесува кон исхраната, кон здравиот сон и се останато што влијае на неговата состојба. Никогаш не сомневав дека ќе прави некоја глупост за викенд. Многу беше приземен, секогаш беше таков“, вели првиот тренер на Ерлинг, Бернтсен.

А фудбалскиот свет денес има прилика да гледа снажен, брз, расен голгетер кој руши рекорди. Само што дојде во Борусија Дортмунд (трансфер вреден 20 милиони евра од РБ Салцбург), а веќе има 11 гола на 8 меча во сите натпреварувања. Сезонава до овој момент Норвежанецот има 37 гола на своето конто. Напредуваше со светлосна брзина па токму затоа за својата земја има само 2 настапи досега и се очекува да биде главен носител на играта на оваа селекција која ја чека бараж за Европско 2020.