Во чест на другарите

Преживеаниот фудбалер на Шапекоенсе ќе ја продолжи кариерата

Еден од шестмината преживеани од авионската несреќа, бекот на Шапекоенсе Алан Рушел (27), по излегување од болницата се појави на прес-конференција и кажа дека ќе ја продолжи кариерата во чест на неговите загинати соиграчи.

„Немам зборови со кои можам да опишам како се чуствувам. Се радувам што овде седам повторно, но во исто време сум тажен поради тоа што загубив многу пријатели. Веќе објавив фотографија под која напишав дека ќе продолжам да играм. Се враќам во знак на сеќавање на оние кои отидоа да живеат со Бог и од почит кон нивните семејства кои сега чуствуваат болка за загубата на најблиските.

Ќе направам сè за да се вратам на теренот, но ќе бидам внимателен. Ќе направам сè за да го усреќам претседателот Плинио, лекарите ќе направам се за да ги израдувам сите наши луѓе. Ми требаат три месеци да го ојачам грбот, еден веќе помина, останаа уште два. И ќе ми требаат уште три месеци да се вратам во форма.

Од оваа трагедија извлеков лекција: мора да му се радуваме на животот и да правиме добро. Начинот на кој лекарите ми помогннаа е неверојатен. Се надевам дека ќе му се вратам на фудбалот и ќе го задржам духот на стариот тим со новите играчи“, изјави Алан Рушел на прес-конференцијата во Шапеко.

Алан Рушел на пресот непрестано плачеше. Раскажа и што му помогнало да остане жив од тешката авионска несреќа:

„Директорот на клубот Каду Гаучо побара од мене да се префрлам понапред за новинарите да седнат позади кај опашката на авионот. Не сакав да се префрлувам, но потоа го видов Фолман кој бараше да седнам до него, па пред самото полетување се преместив. Само Господ може да објасни зошто ја преживеав несреќата, но очигледно тоа ме спаси. Господ ме фати во своите закрила и ми даде втора шанса“, во солзи раскажувал Алан Рушел.

Неверојатно токму тоа место на кое седел Рушел било најмалку оштетено при падот. Голманот Фолман кој седел до него исто ја преживеа авионската несреќа, но лекарите морале да му ја ампутираат ногата.

Преживеаниот голман Фолман на кого му ја ампутирале ногата

Не паметам ништо за катастрофата. Кога ми раскажууваа што се случило тоа беше како кошмар, како лош сон. Постепено дознавав што се случило. Се трудам да не гледам вести, но судејќи по оние малку информации што ги знам, изгледа дека тоа се случи поради невнимание на пилотот“, заклучува Рушел.

Пилотот на боливиската авиокомпанија LAMIA се смета за виновен што тргнал на пат без доволно гориво. Боливиските власти на авиокомпанијата и ја одземале лиценцата за работа а суспендирани се и некои раководители од Министерството за транспорт на оваа земја.

 

18 декември 2016 - 10:35