Јокохама, Осака, Хонг Конг, Бангкок и Куала Лумпур се дел од дестинациите каде се упатија премиерлигашките клубови како дел од нивната летна подготвителна програма пред стартот на новата сезона.
Тие се привлечни за спонзорски договори, продаваат многу дресови во азиските земји и заработуваат многу пари од договорите за ТВ правата, а следејќи го примерот на Манчестер Јунајтед многу англиски клубови како и шпанска Барселона го поминуваат таму времето и планираат да отворат локални канцеларии.
Според истражувањето на спортската компанија Репуком во азиските земји дури 820 милиони гледачи ја следат Премиер лигата на ТВ од вкупно една милијарда навивачи кои навиваат во Азија за англиките клубови.
Тоа на премиерлигашите им носи се разбира и многу пари, а проценките се дека само на овој континент од договорите за емитување на англиското првенство се создаваат околу 340 милиони фунти.
Само екипата на Манчестер Јунајтед има над милион фанови во Кина како и спонзорски договори со две кинески фирми. Каталонскиот тим кој исто така е популарен во овие краеви најави дека сака да им се придружи на „Црвените ѓаволи" на отворањето на новата канцеларија во Хонг Конг која ќе се простира на речиси 300 метри површина.